Полицијата во Ванкувер соопшти дека верува оти инцидентот за време на уличен фестивал во градот, во кој според медиумските извештаи загинаа најмалку осум лица, не е терористички чин.
„Во овој момент, уверени сме дека овој инцидент не е терористички чин“, се вели во соопштението на полицијата во Ванкувер објавено на платформата X.
Еден од очевидците на инцидентот, Јозеб Вардех, кој е ко-сопственик на камион за брза храна, за Би-Би-Си њуз изјави дека видел автомобил како се забива во толпа на уличен фестивал.
Вардех рече дека последниот настап во живо на фестивалот за денот, кој беше главниот настан, штотуку завршил кога автомобилот поминал по тесна улица покрај камион за брза храна, „сосема право, право низ толпата“, со околу 100 километри на час. Тој рече дека возачот застанал и се обидел да избега, но бил фатен од луѓе што биле во близина.
„Мислам дека се обидуваше да направи максимална штета. Видов само тела под камионот за храна и мажи како плачат за своите жени или деца, беше едноставно ужасно“, рече Вардех, додавајќи дека возачот убил некои од неговите муштерии.