Поддржувачите на Српската православна црква (СПЦ) се собираат вечерва во Подгорица и Никшиќ, јавуваат медиумите во Подгорица.
Во Подгорица голем број граѓани се собраа на молитва пред Црквата Христово Воскресение во Подгорица, но по службата, на покана на ректорот на богословијата од Цетиње Гојко Перовиќ, тие мирно се разотидоа, пренесува порталот Победа од Подгорица.

Неколку стотици граѓани се собраа пред Центарот за безбедност во Никшиќ.
Според подгоричкиот портал Вијести, во моментот кога интервентната полициска единица застанала пред портата на полицијата, граѓаните ја поздравиле со аплауз.
Собраните извикувале „Нема да го дадеме епископот“, „Драга наша милиција, повеќе не го слушај Мило“ и „Црна Гора се крена, светињата да се брани мора“, а тие исто така ја кажаа и молитвата на Оче наш.
Две лица осомничени за сторено кривично дело повикување на отпор се уапсени во Херцег Нови, откако ги поканија граѓаните да се соберат во Игало, објави вечерва црногорската полиција.