Нашите здравствени експерти предупредуваат: Омикрон најверојатно е присутен во земјава

од Берта Китинска
328 прегледи

Иако во државите низ светот забрзано се шири омикрон сојот на коронавирусот, кај нас засега не е регистриран ниту еден случај.

Микробиологот д-р Никола Пановски во своето гостување во емисијата „Тема на денот“ во телевизија Сител, истакна дека сојот Омикрон, најновата варијанта на ковид-19, најверојатно веќе е присутен во земјава и треба да се преземат мерки.

„Не треба да се ризикува за да не дојде до експлозија во болниците и поставување на модуларни болници. Треба да се преземат мерки. На пример Грција вчера воведе задолжителен ПЦР тест за сите патници. Јас да сум некој фактор во државата, веднаш после нив би бвовел и ПЦР тестови за сите граѓани што влегуваат во земјава“, изјави Пановски, истакнувајќи оти прва мерка за сузбивање на омикрон треба да бидат ограничувања на граничните премини и аеродромите.

Зборувајќи за учениците, Пановски вели дека е потребно распустот да започне порано годинава.

„Доцна е за онлајн настава, но не е доцна учениците да се пуштат порано дома, односно од следниот понеделник“,смета Пановски.
Д-р Злате Мехмедовиќ од Здравствениот дом Скопје бара од здравстените власти да воведат онлајн настава за учениците поради ширењето на сојот омикрон.

„Има сериозна студија која што ја објави „Дискавери“, според која што хоспитализацијата кај повозрасните е намалена за 30%, но кога е во прашање омикрон, кај децата под 18-годишна возраст е зголемена за 20%. Тоа е сериозна бројка која што ни иницира дека треба сериозно да разгледаме за тоа да ги заштитиме младите и да не ги препуштаме толку лесно на вирусот и болеста и да сметаме дека лесно ќе поминат низ таа фаза на создавање имунитет. Онлајн настава е соодветно решение“, вели Мехмедовиќ во својот апел даден во изјава за ТВ Сител.

Досега во земјата се направени вкупно 1.551.730 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 221.411, бројот на оздравени пациенти е 208.209, на починати е 7.825, а бројот на активни случаи изнесува 5.377.

Слични содржини