Дури и ефикасна вакцина против коронавирус нема да го врати животот во нормала на пролет, предупредија денес група водечки научници на британското кралско друштво.
Вакцината често се доживува како „свет грал“ што ќе стави крај на пандемијата, но научниците во извештајот наведуваат дека мора да бидеме „реални“ за тоа што може да постигне вакцината и кога, пренесува Би-Би-Си.
Тие наведуваат дека можеби ќе треба постепено да се релаксираат ограничувањата, бидејќи може да потрае и до една година пред да се направи вакцината.
Повеќе од 200 вакцини за коронавирус во моментов се развиваат ширум светот.
„Вакцината нуди голема надеж за потенцијален крај на пандемијата, но знаеме дека историјата на развој на вакцините е полна со неуспеси“, рече д-р Фиона Кали од Националниот институт за срце и бели дробови на Кингс колеџот во Лондон.
И покрај оптимизмот на британската влада дека некои луѓе можат да се вакцинираат уште оваа година, додека масовната вакцинација може да се случи на почетокот на следната година, Кралското друштво предупредува дека тоа е долг процес.
„Дури и кога вакцината е достапна, тоа не значи дека сите ќе бидат вакцинирани за еден месец, ние зборуваме за шест месеци, девет месеци … години“, рече професорот Нилај Ша, раководител на хемиско инженерство на Кралскиот колеџ во Лондон.
„Нема збор дека животот одеднаш ќе се врати во нормала во март“, додаде тој.
Истражувачите предупредуваат дека претстојат уште многу предизвици и дека ќе биде потребно многу време да се добијат сите важни одговори, како што е прашањето за долгорочен имунитет.