Успех за мене се сите големи чекори што ги направивме, но да го оставиме тоа настрана, бидејќи очекувам првите придобивки да се видат во двете години што доаѓаат пред нас, особено од капиталните проекти, изјави во интервју за Локално градоначалникот на општина Ѓорче Петро, Александар Наумоски.
Според него, градењето на клиничкиот центар ја менува економско-социјалната карта и лик на општината.
„Тоа што успеавме да го донесеме клиничкиот центар, односно изградбата на овој објект во Ѓорче Петров-м.в.Веле Поле е капитален чекор за мене, Советот и администрацијата. Фокусирани бевме на капиталните проекти. Изградба на градинката во Волково, завршен е тендерот во Министерството за труд и социјална политика, очекуваме да стартува градба со почеток на градежната сезона по нова година, проект вреден 1.100.000 евра. Целосното менување на осветлувањето преку ЈПП со најсовремени штедливи лед светилки кое започна и се реализира во наредните шест месеци, проект вреден околу 2.300.000 евра. Нова амбуланта и градинка во Дексион.
Советот веќе донесе одлука за започнување на постапка за доделување договор за ЈПП, проект вреден околу 3.500.000 евра, во тек е проектирање на нова градинка и во Стопански двор. Изградба на Корзото кое е во втора фаза, а ќе го врати сјајот и урбаниот животот во Ѓорче. Во тек е градбата на нова училишна сала во ООУ „Јоаким Крчовски“, после 60 години ниту една власт не успеа да издејствува за ваков објект, децата физичко имаат во училница-проект вреден околу 400.000 евра. Доградба на градинката „Детелинка“ за нови 70 деца, го менуваме и кровот со азбесен покрив во ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“.
За нас како општина, секако и за родителите на децата од подрачното училиште во Хром е особено важно што оваа година затворивме едно горливо прашање, ќе го доградуваме објектот со нови училници, како и со нова училишна спортска сала која ќе биде изградена со средства од Буџетот на општината во вредност од околу 250.000 евра. Овој проблем со недостиг на капацитети и спорна документација го наследивме од претходната локална власт. Иако „товарот“ е на наш грб, ги правиме сите потребни напори навремено да ги решиме проблемите. На сметка на капиталните, не ги изоставивме ниту другите проекти. Завршивме голем дел, но пред нас е уште работа.
На пресек од четирите години може ли да се каже дека сте задоволен од сработеното?
Мислам дека е рано да се зборува за задоволство. Поминаа првите две години од мојот мандат во кои може да се каже дека работевме да дојдеме до ниво да ги исправиме грешките од претходното раководство и да застанеме на „здрави нозе“. Но, на сметка на тоа не занемаривме ниту еден проект, напротив ги продолживме малкуте кои беа започнати од претходно, многу време изгубивме на проектирање на нови проект, сега имаме проекти за се. Успеавме да се стабилизираме навремено. Луѓето веќе имаат добра перцепција за работата и тоа ме радува. Со оглед на тоа што наследивме долг од околу 500.000 евра и два кредити од околу 2.300.000 евра, работевме домаќински и чесно и за брзо време целосно се раздложивме без помош од централната власт. Ќе бидам задоволен кога ќе ги завршам и проектите кои се во тек, а се особено важни за моите сограѓани. На добар пат сме.
Останувате ли и натаму фокусиран на урбаниот и руралниот дел на Ѓорче Петров истовремено?
Апсолутно. Ѓорче Петров долго време беше „заробено“ во едно друго време, особено руралниот дел, кој за жал, претходно останал недопрен. Се организирале само настани кои доаѓале и проаѓале. Го менуваме тоа. Напоредно работиме со проекти да го заживееме Ѓорче од сите страни, да го направиме модерно, посакувано и урбано место за живеење. Токму во руралната средина на Ѓорче Петров направивме голем број инфраструктурни чекори, фекална канализација 30 км и со новите средства што ги добивме од Министерството за транспорт и врски го заокружуваме проектот фекална канализација во висина од 1.000.000 евра. Реконструиравме над 60 улици во висина од околу 500.000 евра во руралниот дел и исто толку во урбаниот дел. Никиштани конечно доби вода за пиење, а очекуваме старт на изградба на фекална канализација во Орман, со колектор и пречистителна станица за отпадни води. Истовремено, поставивме и атмосферска канализација на ул.„Алексо Демниевски“, како и атмосферска и фекална на ул.„Радушка“ прва фаза во Дексион во висина од околу 500.000 евра. Имам замисла и за заживување на просторот околу крстот во Кучково со многу интересни содржини и нова урбана опрема. Се надевам и тоа ќе биде реализирано, во правец на алтернативен туризам.
Образование, социјална заштита, спорт? Работевте ли напоредно секаде?
Секако. Од образование и инфраструктура во образованието до спорт, социјална заштита, животна средина, култура. Работевме и реализиравме на сите страни. Изградивме ново детско игралиште во ООУ „Тихомир Милошевски“, изградивме и реконструиравме детски катчиња и на многу други локации, во 2018 и 2019 година ангажиравме 28 образовни и лични асистенти за помош на деца со потешкотии во развојот, обезбедивме еднодневна екскурзија за 2.000 дечиња и бесплатна ужинка за првооделенците. Во спортот непрекинато финансиски ги помагаме клубовите и младите спортисти од Ѓорче Петров, а учествуваме финаниски и со техничка поддршка во организација на турнири. Во социјалата, за новороденчиња во двете години од мандатот имаме исплатено над 2.500.000 денари, за еднократна парична помош околу 2.000.000 денари, ангажиравме лица за помош на стари и болни, набавивме прочистувачи за воздух во сите градинки, по 40 години ја реконструиравме кујната во градинката „Росица“, воведовме социјална патролна служба за детектирање и помош на социјално ранливи категории граѓани, а организиравме и безброј хуманитарни настани за помош на наши сограѓани. Во културата продолжуваме со манифестацијата „Звуци на културата“ и поддршка особено на детските театри и концерти на класична музика, а не ја изоставивме ниту грижата за животната средина-подигнавме нови зелени површини од околу 10.000 м2, засадивме над 2.000 дрвца и континуирано ги чистиме критичните точки, честопати и вонредно заедно со јавните претпријатија од Градот. Продолжуваме со ист интензитет.
Работите со напорно темпо. Верувам дека така ќе продолжите. Кој е вашата најголема мотивација и поддршка.
Продолжуваме со уште поинтензивно темпо. Она што е почнато мора да се заврши, а следуваат и нови проекти во сите сегменти. Семејството е мојот столб и дополнително ме мотивира. Пријателите исто така. Она малку слободно време што ми преостанува во текот на денот преполн со обврски го минувам со домашните и со пријателите.
И.Р.