Наумовски: Внатрешните несогласувања во Демократската партија и донаторската заедница придонесоа за повлекувањето на Бајден

од Nikola Popovski
211 прегледи

Расте неизвесноста пред претседателските избори во САД. Претседателот Џо Бајден се откажа од трката за нов мандат во Белата куќа и ја поддржа потпретседателката Камала Харис, моменталниот фаворит на партијата, за номинација на августовската конвенција во Чикаго. Одлуката доаѓа по притисокот од демократите, Бајден да се повлече, особено по дебатата со републиканскиот кандидат Трамп, на 27-ми јуни. Здравствената состојба на претседателот неколкупати беше ставена под прашање. Во меѓувреме, светските лидери упатија пораки со почит за досега сработеното, глобалното лидерство и пријателство.

Претседателскиот кандидат на Републиканците, Доналд Трамп изјави дека Бајден заминува како најлошиот претседател во историјата на САД. Според него, потпретседателката Харис ќе биде полесно да се победи. Независниот кандидат пак, Роберт Ф. Кенеди Џуниор, ја повика Демократската партија да ја номинира замената на Бајден преку отворен процес.

„Сомнежи за способноста, лошите јавни настапи и гафовите“

Универзитетскиот професор Васко Наумовски, кој е поранешен вицепремиер за европски прашања и амбасадор во САД оценува дека сомнежите за способноста на Бајден да ги добие изборите во ноември, како и да ја води државата во евентуален втор мандат го зголемија притисокот да размисли за повлекување од трката. Во разговор за „Локално“ посочува дека лошите јавни настапи и гафови кулминираа со дебатата со поранешниот претседател Трамп, кадешто стана јасно дека до крајот на кампањата може да се очекува само намалување на шансите за реизбор на Бајден.

Васко Наумовски

Според Наумовски, дополнително на ова придонесоа и внатрешните несогласувања во Демократската партија и донаторската заедница придонесоа за оваа одлука.

Околу евентуалниот наследник на Бајден кај Демократите во трката за претседател, соговорникот вели дека поддршката што Харис ја доби од самиот Бајден, од Бил и Хилари Клинтон, како и претседателите на Демократската партија со сите сојузни држави ја прават фаворит за номинацијата и ќе биде тешко друг кандидат да ја загрози оваа нејзина позиција.

Со откажувањето на Бајден, се поставува прашањето дали може да се појави силна надеж од трета страна. Досега ниту еден независен кандидат не претставува никаква опасност за доминантниот двопартиски систем на САД… За Наумовски ваквата констатација досега се покажала како неуспешна.

-Иако во историјата постоеле повеќе обиди, досега никој не успеал да постигне значителен резултат. Сепак, силен трет кандидат би можел да влијае на конечниот резултат, знаејќи дека честопати разликата меѓу двајцата традиционални кандидати е мала, истакнува поранешниот македонски амбасадор во САД.

Како дојде до одлуката на Бајден и што понатаму?

Бајден пресудил во последните 48 часа по телефонски консултации со семејството и врвните советници, наведуваат од „Си-Ен-Ен“. Се додава дека Бајден, кој се наоѓа во својот дом во Делавер каде се опоравува од Ковид-19, почнал да прави планови за излегување од претседателската трка во саботата, а тие планови биле финализирани во вчера.

Според истиот извор, одлуката на Бајден да се пензионира немала никаква врска со неговото здравје. Актуелниот претседател на САД наводно ги анализирал резултатите од анкетите кои покажале дека се намалуваат шансите тој да го победи републиканскиот кандидат Доналд Трамп.

Друго лице запознаено со деталите за одлуката изјавил за „Си-Ен-Ен“ дека во саботата, Бајден разговарал со долгогодишните помошници Мајк Донилон и Стив Рикети, кои му ги покажале резултатите од анкетите и информациите што разјасниле дека патот до победата „во основа не постои“.

Ниту еден од помошниците експлицитно не му рекол на Бајден дека треба да се откаже од претседателската трка, според изворот, но американскиот претседател пред крајот на средбата јасно ставил до знаење дека планира да се повлече. Бајден побарал од своите помошници да започнат со подготвување на писмото, кое тој го објави на социјалните мрежи во неделата вечерта.

Ова е првпат американски претседател да се откаже од реизбор во последните децении, а пред него само Линдон Џонсон одлучи да не бара втор целосен мандат во 1968 година.

Доколку официјално биде избрана за претставник на демократите, а потоа и за претседател на САД во ноември, Камала Харис би ја презела функцијата со дефиниран надворешнополитички пат, наведува Политико.

Во повеќето области, Харис веројатно ќе продолжи со многу од надворешнополитичките цели на Бајден.

Нејзината администрација најверојатно ќе понуди силна поддршка за воените напори на Украина и ќе продолжи со иницијативите за продлабочување на сојузите во Азиско-пацифичкиот регион, соочени со геополитичкиот подем на Кина, наведува Политико.

И веројатно, додаваат тие, САД ќе продолжат да обезбедуваат силна поддршка за Израел и другите сојузници на Блискиот Исток.

Но, кога станува збор за војната на Израел против Хамас, Харис, се додава, Харис звучела повеќе сочувствително со маката на Палестинците, став што може да ги омекне арапско-американските гласачи и другите загрижени за поддршката на Бајден за воените напори на Израел во Газа.

Н.П.

Слични содржини