Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални бил отруен со шише вода во хотелска соба во рускиот град Томск, а не на аеродромот како што претходно се мислеше, соопшти неговиот тим, заедно со видео објавено на Инстаграм.
Да потсетиме, на Навални му се слоши во авион во Русија минатиот месец, а подоцна беше пренесен во болница во Берлин.
Антикорупцискиот фонд тврди дека шишето на кое германската лабораторија наводно ја пронашла отровната супстанца „новичок“ е однесено од просторија во хотел во Томск.
„Тоа шише е од хотел во Томск, каде престојуваше самиот Навални и целата наша екипа… Две недели подоцна, германска лабораторија откри траги од „новичок“ на шише од хотелска соба во Томск“, се вели на Инстаграм страницата на Навални.
Се додава дека откако соработниците на Фондот дознале за хоспитализацијата на Навални, тие повикале адвокат, влегле во хотелската соба што ја оставил опозиционерот и започнале да снимаат и пакуваат сè што ќе најдат таму, вклучително и шишиња со вода.
Германија тврди дека Навални бил отруен со нервен агенс од семејството „новичок“.
Видеото објавено на Инстаграм профилот на Навални ги прикажува членовите на неговиот тим како ја пребаруваат просторијата што претходно ја оставил во хотелот „Ксандер“ во Томск на 20 август, еден час откако дознале дека се разболел под сомнителни околности.
Претходно соработниците на Навални веруваа дека тој е отруен со чајот што го пиел на аеродромот.
Русија тврди дека нема докази дека опозиционерот бил отруен.