„Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални можеби се отрул самиот со Новичок“, наводно му рекол рускиот претседател Владимир Путин на францускиот претседател Емануел Макрон, пренесе „Ле Монд“, повикувајќи се на неименувани извори.
Путин наводно во телефонскиот разговор со Макрон на 14 септември изјавил дека Навални неколку пати ги „симулирал своите болести“.
Навални, кој денес беше пуштен од болницата во Германија, каде се опоравуваше од труењето, реагираше на наводните тврдења на Путин како нелогични.
„Планот ми беше да го зготвам Новичок во кујната, да го пијам полека во авионот, да умрам и да завршам во мртовечница во Омск, каде што мојата причина за смртта ќе биде наведена како „живеел доволно долго“, напишал Навални на Инстаграм и иронично додал: „Путин ме надигра. На крајот, поминав 18 дена во кома како идиот и не го добив тоа што го сакав“.