Навални префрлен на непозната локација

од Vladimir Zorba

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални беше пренесен од затворска колонија во централниот руски регион Владимир, на непозната локација, објавено е на неговиот профил на Твитер во кој се повикува на информациите на неговиот адвокат.

На крајот на февруари, Навални беше однесен од Москва во затворската колонија број 2 во Покров.

Агенцијата ТАСС тогаш објави дека колонијата во која е пренесен Навални ги применува „вообичаените правила“, што значи дека условите во затворот се помалку строги и дека е наменета за затвореници кои биле казнети за прв пат за полесни злосторства, и во моментов таму служат околу 800 лица.

Судот во Москва го осуди Навални на две и пол години затвор во февруари, откако ја смени условната казна од декември 2014 година на затворска казна, затоа што тој не се пријавил навреме до надлежниот орган додека се опоравувал од наводно труење во Германија.

Барање за ослободување го испратија 45 земји

Барања за ослободување на опозицискиот лидер Алексеј Навални беа испратени во Русија од 45 земји, вклучително и САД, со образложение дека неговиот притвор е незаконски и сите бараат истрага за неговото труење минатата година.

Во изјавата прочитана од претставникот на Полска пред Советот за човекови права на Обединетите нации во Женева се наведува дека постапките на руските власти против Навални се неприфатливи и политички мотивирани, објави Ројтерс.

Зад повикот стојат главно европски земји, САД, Австралија, Канада и Јапонија.

Навални, најголемиот критичар на рускиот претседател Владимир Путин, беше осуден на две и пол години затвор минатиот месец за кршење на условната слобода.

„Ја повикуваме Русија веднаш и безусловно да го ослободи Навални и сите кои биле незаконски приведени, вклучително и оние зад решетки за слободно изразување на своите ставови“, се вели во заедничкото соопштение.

Слични содржини