Навални: Светските лидери да посветат поголемо внимание на борбата против корупцијата

од Vladimir Zorba

Рускиот опозициски лидер, Алексеј Навални ја одбележа годишнината од неговото труење со повик до светските лидери да посветат поголемо внимание на борбата против корупцијата и да се справат со тајкуни блиски до рускиот претседател Владимир Путин.

Во написот објавен од три познати европски весници, Навални ги критикуваше западните лидери дека ја ставиле во втор план борбата против корупцијата, велејќи дека поткупот игра клучна улога во неуспехот на одредени политики, вклучувајќи ги Ирак и Авганистан.

„Факт е дека Западот „не ја забележа“ сеприсутната корупција во Авганистан, што беше најважниот фактор за победата на Талибанците“, рече Навални.

Во напис објавен во британски Гардијан, германски Франкфуртер Алгемајне Цајтунг и француски Ле Монд, Навални ја нарече корупцијата „универзална основа за процут на новиот авторитаризам низ целиот свет, од Русија до Еритреја, од Мјанмар до Венецуела“.

Водечкиот руски опозиционер ги повика светските лидери да покажат посилна политичка волја во следењето на финансиските траги од Русија и другите земји погодени од корупција и порешително да се борат против корумпираните службеници.

Навални, најпознатиот критичар на Путин, беше уапсен на 17 јануари, веднаш по враќањето во Русија од Германија, каде пет месеци се опоравуваше од труење од советски нервен агенс, за што го обвинува Кремљ. Руските власти ги отфрлаат тие тврдења и го доведуваат во прашање и неговото труење, кое сепак беше потврдено од неколку европски лаборатории.

Во февруари, московскиот суд го осуди Навални на две и пол години затвор, менувајќи ја условната казна од 2014 година во затвор, затоа што не се пријавил навремено до надлежниот орган, додека се опоравувал од труење во Германија. Навални ја оценува осудата за измама од 2014 година како политички мотивирана.

Слични содржини