Навивачи го навредуваа Абазовиќ, ФИФА го казни ФСЦГ

од Vladimir Zorba

Дисциплинската комисија на Светската фудбалска федерација (ФИФА), го санкционираше Фудбалскиот сојуз на Црна Гора (ФСЦГ) за неспортското однесување на навивачите во дуелот од шестото коло од квалификациите за Светското првенство со селекцијата на Летонија.

ФСЦГ е казнет со парична казна од 20 илјади швајцарски франци и мерки за затворање на трибините, јужна и северна, на првиот следен натпревар во квалификациите за Светското првенство поради дискриминаторско однесување на навивачите на мечот со Летонија.

Според одлуката на ФИФА, навивачките трибини ќе бидат затворени на натпреварот со Холандија кој ќе се одигра на 13 ноември 2021 година во Подгорица со почеток во 20:45 часот.

Фудбалскиот сојуз на Црна Гора апелира до навивачите да се воздржат од неспортско однесување и секаков вид дискриминација на претстојните натпревари на репрезентацијата.

За потсетување, навивачите на мечот со Летонија го навредуваа вицепремиерот Дритан Абазовиќ, а веднаш по мечот се огласи и ФСЦГ кој се огради од навредите од трибините, истакнувајќи дека се надева дека во наредниот период ќе нема никакво изразување на политички ставови, навреди кон поединци или ЛГБТ заедницата од навивачите и гледачите присутни на стадионот.

Слични содржини