НБ: Затегнување на монетарната политика за стабилизирање на инфлациските очекувања и намалување на ценовните притисоци

од Vladimir Zorba

Советот на Народната банка го усвои Кварталниот извештај, којшто се однесува на последниот квартал од 2022 година.

И во текот на последното тримесечје на 2022 година, Народната банка ја приспособува монетарната политика, со што започна уште од крајот на минатата година.

Притоа, основната каматна стапка беше дополнително зголемена во три наврати, за вкупно 1,75 п.п., достигнувајќи го нивото од 4,75% на крајот на 2022 година.

Затегнувањето на монетарната политика има за цел да ги стабилизира инфлациските очекувања и да ги намали ценовните притисоци, предизвикани од надворешни шокови, коишто се присутни подолг период. Сепак, од ноември па наваму се забележува постепено намалување на годишната стапка на инфлација.

Домашната економска активност во првите три квартали на 2022 година е во согласност со проектираната патека, а тековните изгледи се во склад со очекувањата за натамошно забавување на растот под влијание на енергетската криза, отежнатото снабдување и кризата на трошоци на животот којашто наметна затегнување на финансиските услови во глобални рамки.

Банките и натаму обезбедуваат кредитна поддршка за домашната економија, но поумерено и во склад со очекувањата, додека благодарение на надворешната позиција на економијата, девизните резерви и натаму се во сигурната зона. Сепак, неизвесноста и ризиците за светската и домашната економија на краток и на среден рок и понатаму се нагласени, а војната во Украина сѐ уште е главниот извор на ризик, особено на пазарите на енергија и прехранбени производи.

Народната банка продолжува со внимателно следење на клучните економски параметри и на потенцијалните ризици од домашното и надворешното окружување, заради соодветно приспособување на монетарната политика и одржување на ценовната стабилност на среден рок, се вели во соопштението на НБ.

Слични содржини