Помалку приходи, намалени и расходи . И со ребалансираниот Буџет за 2025-та – владините планови за полнење и празнење на буџетската каса не се остварија. На крајот на годината приходите изнесувале 5,45 милијарди евра што е за 8% помалку во однос на планот додека буџетските расходи изнесувале 6,13 милијарди евра или со потфрлување од 7% во однос на планираните трошоци.
Буџетските приходи се намалени по неколку основи – акциза, придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, персонален данок на доход, неданочни приходи, даноци за игри на среќа. Поголемо потфрлување има кај наплата на акциза. Според Министерството за финансии причината била ниската цена на нафтените деривати, односно Владата проектирала повисоки цени врз основа на кои очекувала и повисок износ на наплата на акциза.
„Кој можеше да предвиди дека и сега по она што се случува во Венецуела, повторно цените на нафтата ќе останат ниски. Јас не. Гледате дека цела година цената на нафтата е на многу ниско ниво. По воведувањето на царините од САД, имавме очекување за нагорно движење на цената на нафтата и од тука беа и очекувањата дека ќе имаме повисоки акцизи. Во текот на цела година износот на цената на нафтата е ниска така што акцизите се едни од најтешките приходи за проектирање во буџетот“ – изјави министерката Гордана Димитриеска Кочоска.
Лани државата собрала скоро 500 милиони евра помалку во однос на планот во ребалансираниот буџет и според дел од економистите ова е најголемо потфрлување во изминатата деценија.
„Колосално потфрлување на планираните буџетски приходи од 10% во 2025 та .. Сега е појасно и однесувањето на Министерството за финансии во последните 30 денови од годината“ – напиша на социјалните мрежи професорот Никола Поповски, еден од поранешните министри за финансии.
Позначајно потрфлување има кај наплатата на неданочните приходи а вината за тоа , според министерката, е кај самите институции кои не успеале да ги обезбедат приходите. Наплатата на придонесите за пензисоко осигурување е пониска за 2% додека кај персоналниот данок на доход потрфлувањето изнесува 3%. Поради ваквата состојба од Министерството за финансии најавија промени кој ќе задираат и во системот на наплата но и во даночната политика.

Фото: Локално
„Работиме на измени во многу закони почнувајќи од законот за ДДВ каде што согласно сЀ уште ги НЕмаме добиено извештаите од ММФ кои што работеа на анализа. кажуваат дека даночните ослободувања во државата се 4,75 проценти од БДП што значи многу повисоки. Имаме во еден сегмент по мене, малку помала наплата, но и во тој дел работиме, тоа е во делот со игрите на среќа, каде што веќе работиме и на тоа да воведеме нов систем, бидејќи очигледно е дека постоечкиот систем кој што го имаме во Управата за јавни приходи не функционира или не е добар, така што и тука сме фокусирани, ќе работиме на имплементација на нов систем“
Според опозициската СДСМ, годинешниот буџет навестува тешка економска година и за граѓаните и за стопанството.
„СДСМ изразува загриженост за насоката по која ќе продолжи да се движи фискалната политика. Се ветуваше „строга фискална дисциплина“, а буџетскиот дефицит е прокетиран на 3,5% од БДП, што значи прекршување на фискалното правило утврдено во Законот за буџети, кое поставува лимит од 3%. Ваквото отстапување несомнено ќе го платат граѓаните, стопанството, економијата. Дополнително, проектираниот економски раст од 3,8% ја разоткрива суштината на промашените фискални политики на Владата. Оваа проекција е базирана на потрошувачката – таква е структруата на нашиот БДП, две третини е лична потрошувачка, односно граѓаните ќе трошат повеќе за помалку, поради тоа што цените ќе бидат повисоки“ – велат од СДСМ во став за „Локално“ и додаваат :
„Загрозена е продуктивноста на стопанството за што власта придонесе со доцнењето на повратот на ДДВ, ќе донесе само повисоки цени на услуги, со тоа и на финалните производи, што ќе значи намалена можност за реално зголемување на животниот стандард на граѓаните“.
Оваа година Владата проектираше приходи повисоки за 3,5% во однос на ланските. Само од наплата на данок на доход очекува зголемени приходи за 8,7% додека од данокот на добивка повисоки приходи за 14,1%. По основ на акцизата годинава се очекуваат приходи повисоки за 1,3% во однос на ланските позиции. Според познавачите, овие нови проекции уште на почетокот на оваа економска година се доведени во прашање поради тоа што веќе е “изместена“ буџетската рамка врз основа на која е проектирана државната каса за 2026 та.
Д.А.