Не станува збор за киднапирање, вели Муртезани за исчезнувањето на Реџепи

од Nikola Popovski

Уште поодамна Скендер Реџепи не се појавуваше на партиските тела и состаноците. За нас како партија, ова не е нов момент. Неговото лично постапување е жално. Ова не ги менува позициите на пратениците од Алтернатива или власта да претрпи нов удар во намалување на мнозинството. Станува збор за лична одлука, вели членот на Алтернатива, Орхан Муртезани за напуштањето на владеачката партија од страна на пратеникот Скендер Реџепи.

Тој додава дека не ги знае намерите на Реџепи, но појасни дека нема да има промени во владиното мнозинство.

-Ние преговорите за приклучување кон Владата не ги праевме врз основа на бројот на пратеници, туку нашите заложби во справување со кризите. Ние секојдневно со нашите министри работиме во исполнување на точките, рече Муртезани во емисијата „Топ тема“.

Муртезани вели дека сите чекори и одлуки во партијата се донесени во органите.

-Сите што учествуваа во дебатата ќе ги почитуваат одлуките на партијата. Лидерот Гаши нема да има средба со премиерот, ниту има најава за такво нешто. Не знам каде се наоѓа Реџепи. Мислам не станува збор за киднапирање. Вие новинарите имате начини за како да ги најдете функционерите. Сепак, тој треба да се појави во јавноста и да објасни зошто ја донел оваа одлука. Парламентарното мнозинство во однос на бројките ќе биде истото, потенцира членот на Алтернатива околу фактот што Реџепи го нема во јавноста да одговори на прашањата зошто го напушти владеачкото мнозинство.

Реџепи во текот на вчерашниот ден преку писмо го извести спикерот Талат Џафери дека во иднина ќе делува како независен пратеник во Собранието.

Слични содржини