Небиу за мигрантите: Во демократска земја, најнормалнo би било Владата да ги објави сите релевантни документи и Собранието да расправа јавно

„Напад врз Владата“ или „предавство“: Темата со мигрантите се уште ја бранува јавноста

од Nikola Popovski
46 прегледи Бесим Небиу/Фото: Принтскрин/Јутјуб

„Ако мигрантите претставуваат закана за безбедноста на Британија, тогаш се опасност и за нашата земја“. Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова не е информирана дека Македонија ќе прифаќа мигранти од Велика Британија, но e против нивен евентуален прием во земјава.„Јас колку што сум информирана од британскиот амбасадор, ама и од Владата тоа не е точно. Мојот став е – ако се работи за лица кои се опасност за Британија тие се подеднакво опасни и за нас. И јас сум против нивен прием“, кажа вчера шефицата на државата.

По онлајн петицијата која ја објави СДСМ, сега опозицијата најавува дека ќе поднесе предлог – резолуција во Собранието, со која пратениците ќе потврдат дека Македонија нема да прима мигранти. Доколку мнозинството не даде поддршка, опозицискиот лидер Венко Филипче најавува народни протести. „Доколку ВМРО – ДПМНЕ не излезе и не ја прифати оваа резолуција ќе бидеме принудени понатаму да се бориме со сите демократски средства еден од нив е да ги повикаме сите граѓани на голем народен протест, заедно, обединети, сплотени, да го блокираме процесот на носење мигранти во Македонија“, нагласи Филипче.

Дел од британските медиуми спомнаа сума од 20 илјади фунти по мигрант кои Македонија би ги добила со тоа што би ги прифатила одбиените лица за азил во Велика Британија. Иако ваквата вест ја сметаат за лажна и демантираат од Владата, сепак дел од домашната јавност го поставува прашањето зошто на земја со трет најголем раст на БДП во Европа, би ѝ требале таква цифра на пари по мигрант…

Според политичкиот аналитичар, Бесим Небиу, од аспект на Владата, логиката би била: „Ние сме сиромашна земја, ни требаат инвестиции и пари – Британија плаќа, ние добиваме дополнителни средства и инфраструктура“.

Од друга страна, како што вели, од аспект на критичарите, логиката е спротивна: „Земја со ваков раст и европски амбиции не смее да се претвори во паркинг за туѓи мигранти, без јасна контрола, транспарентност и политички консензус“.

Фото: Printscreen/Youtube/ABC News

-И двете логики постојат паралелно и тука е политичката битка, вели Небиу во разговор за „Локално“.

Аналитичарот потсетува дека фактите засега се следниве – постојат британски медиумски написи (Тајмс) кои велат дека Британија е во разговори со Македонија за „return hub“ и дека би се плаќало по мигрант

-Македонската влада и премиерот Мицкоски јавно негираат дека има договор за мигрантски кампови и тврдат дека тоа се шпекулации/внатрешно-политичка употреба во Британија.

Во демократска земја, најнормално би било Владата да ги објави сите релевантни документи (меморандуми, договори), Собранието да расправа јавно, со прашања и одговори и независните медиуми и експерти да ги проверуваат фактите, анализира Небиу, кој додава дека дел од луѓето гледаат на ова како на „напад врз нашата влада“, други како „предавство“ и сè завршува во партиски меури, наместо во поширок граѓански фронт за транспарентност.

Превентивно-едукативни средби со лицата мигранти сместени во прифатно-транзитниот центар „Винојуг“/Фото: МВР

Веќе втора недела СДСМ обвинува за тајни преговори на власта со Британија за преземање на мигранти. Велат, се преговарало мигрантите да бидат вклучени на пазарот на труд и да добијат трајно живеалиште во Македонија. Филипче упати прашање дали заемот од Велика Британија е компензација за влез на мигрантите со кои европските држави тешко се справуваат.

Премиерот Христијан Мицкоски порачува дека ова е обид за дефокус и „лажна тема“, наменета за политичко преживување на лидерот на СДСМ. Вели „ќе се повлечам од политиката ако Венко Филипче најде еден мигрант во земјава, во спротивно јавно да се извини“.

„Оставам простор до пролет, Венко Филипче заедно со професорот Фрчковски и заедно со Андреј Жерновски да бараат низ Македонија и да најдат мигрант кој е дел од овој договор со Велика Британија или каков било договор којшто сме го преземале и ако најдат еден, јас трајно ја напуштам политиката. Во спротивно да ми се извинат на мене и на граѓаните што шират паника без потреба“, изјави вчера Мицкоски.

Според власта – Договорот за стратешко партнерство со Британија не предвидува изградба на бегалски кампови, туку соработка во инвестициите, инфраструктурата, безбедноста и економијата.

Наспроти обвинувањата, премиерот најави проект, пандан на „Сејф сити“, „Сејф кантри“, кој предвидува 24 часовен мониторинг на границите на државата.

Во изјава на МИА, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски истакнува дека Македонија ниту размислува, ниту има какви било шанси да се согласи да биде центар за прифаќање на мигранти или локација за отворање мигрантски кампови. Тошковски, кој оваа изјава ја даде во Брисел кадешто учествуваше на Меѓународната конференција на Глобалната алијанса за борба против криумчарењето мигранти, уште рече дека темата е крената од страна на опозицијата и дека тоа нема никаква врска со реалноста или логиката.

Тој потенцира дека за вакво нешто ниту е размислувано, ниту е разговарано од страна на Министерството за внатрешни работи, ниту пак би било прифатливо за државата.

Н.П.

Слични содржини