Неизвесно и тензично: Денеска гласање за (не)доверба на Владата

од Берта Китинска
751 прегледи

Премиерот Заев своите оставки од функциите ги најави по поразот на локалните избори, но формално тие не беа поднесени од негова страна ниту до партијата ниту до Собранието. Опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ бараше Заев до понеделникот до 14:30 часот да поднесе оставка во Собранието, но откако тоа не се случи тие заедно со АА и Алтернатива, Беса и Левица ја поднесоа иницијативата за гласање доверба на Владата.

Во образложението на Иницијативата, меѓу другото, се наведува дека „Владата предводена од СДСМ и ДУИ не донесе значајни резултати во претходните пет години, туку напротив владее со измами и пазарења на сметка на најважните прашања на народот.

Седумнаесет пратеници, од кои двајца од Левица, ги повлекоа потписите од барањето, но не се откажуваат од идејатаденес да гласаат за недоверба на Владата.

Според предлагачите на Иницијативата, останувањето на оваа влада без кредибилитет и јасна мнозинска поддршка од народот и без план за решавање на напластените проблеми, ќе значи само продолжување и продлабочување на политичката криза надополнета со еконоската криза, енергетскиот шок, ковид тенденциите кои се загрижувачки.

Извршниот и Централниот одбор на СДСМ во вторникот вечерта едногласно донесоа одлука премиерот и лидер на партијата Зоран Заев да ги одложи оставките се додека не се нормализираат процесите во државата.

Премиерот Заев изјави дека на седниците на Извршниот и Централниот одбор на партијата не се дискутирало ниту се одлучувало за неговите оставки на челните позиции во партијата и Владата, додавајќи дека останува „да помогне за да се стабилизира парламентарното мнозинство и по можност да се зголеми“.

– Очекувам демократското мнозинство да се стабилизира, особено она мнозинство кое е за ЕУ, за мултиетничко општество. Деновите се пред нас, секако тоа ќе го дознаеме сите, рече Заев по седниците на највисоките органи на СДСМ.

Претседателот на државата Стево Пендаровски, пак, синоќа во интервју за ТВ 21 рече дека нему му е важно мнозинство да се добие по демократски пат, и дека само така ќе се има легитимитет и внатре и надвор.

-Она што како претседател ми е важно, и е важно и за меѓународната заедница, е следното: оној кој ќе добие во демократска процедура 61 глас, тој ќе биде потполно релевантен соговорник и внатре и надвор. Мене ми е најважно да се случи 61 глас во демократска процедура како што е пропишано во Устав и Закон, рече Пендаровски.

Тој смета дека државата е во политичка криза и дека ако нема јасно мнозинство ќе биде уште полошо. Според него, во тој случај можеме да влеземе во т.н. бугарско сценарио. Пендаровски смета и дека оваа политичка криза е предизвикана од потегот на премиерот со најавата на неговата оставка. Загубата на Град Скопје на локалните избори, според него, не смеело да биде повод за Заев да се повлече од политиката. Оставка на Заев била, рече Пендаровски, била големо изненадување и за меѓународната заедница.

Македонското Собрание денеска во 11 часот, како што е најавено, треба да ја почне седницата за доверба на Влада. Новото парламентарно мнозинство, договорено во минатиот петокот од опозициските партии ВМРО ДПМНЕ и Левица и Алијанса за Албанците и Алтернатива, со помош на пратениците од владејачкото Движење Беса поднесоа предлог за доверба на владата.

Доколку опозицијата обезбеди 61 глас против кабинетот на Заев, тогаш Владата е должна да даде оставка во рок од 24 часа, по што би почнал да тече рокот од 10 дена во кои претседателот Стево Пендаровски треба да го даде мандатот за составување нова влада на партијата или партиите кои ќе потврдат дека имаат најмалку 61 пратеник во Собранието. Досегашната Влада, пак, ќе остане на должноста до избор на нов кабинет. Доколку, пак, опозицијата не успее да ја урне Владата на СДСМ и на ДУИ, тогаш во наредните 90 дена нема да може да се поставува ново прашање за доверба на Владата, освен ако иницијатива за тоа поднесе најмалку 61 пратеник.

Собраниската расправа денеска треба да заврши до полноќ, без разлика на бројот на пријавени пратеници за дискусија.

Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев на 31 октомври најави дека ќе поднесе оставка од двете функции поради поразот на локалните избори. На седницата на Извршниот и Централниот одбор на СДСМ во вторникот, била донесена едногласна одлука тој да ги одложи оставките. Последните парламентарни избори се одржаа лани, по што СДСМ заедно со ДУИ ја формираа втората заедничка влада.

Слични содржини