Двајца постари Јужнокорејци заболени од коронавирус се опоравиле од тешка пневмонија откако биле третирани со плазма од пациенти кои се опоравуваат од вирусот.
Научниците откриле дека пациентите со ковид-19 можат да бидат третирани со крвната плазма на пациенти кои ја совладале болеста, која содржи потенцијално корисни антитела.
Плазма-терапијата може да биде „алтернативен третман за критично болните пациенти кои не реагираат добро на антивирусни лекови“, рекол Чои Јун-Јонг, доктор во една болница во Сеул, каде што се лекуваат двајцата пациенти.
Сепак, потребно е посеопфатно клиничко тестирање за да се докаже ефикасноста.
Еден пациент е 71-годишен маж, чија состојба е подобрена откако добил антитела од 20-годишен излечен пациент со стероиди.
Здравствената состојба на другата пациентка (67) првично не била подобрена со земање лекови, поточно со лекови за маларија и терапија со кислород.
Квон Јун-Вок, од Центарот за контрола на болести во Сеул, оценил дека лечењето со плазма е „важно“, со оглед на тоа што досега не се достапни лекови или вакцини против ковид-19.
Плазма-терапијата веќе ја покажа својата ефикасност, за време на експерименталниот третман од мали размери на други заразни болести како што се ебола и САРС.
Париските болници во моментов спроведуваат истражувања на 60 пациенти, а слично е во САД и Кина.