Ќе има ли годишен одмор за пратениците, со оглед на тоа што тој според првичните најави требаше да почне на 8 август, собранискиот спикер Талат Џафери вели дека тоа нема да се случи пред завршување на седницата за разрешување на јавниот обвинител Марко Зврлевски.

– Додека не ја завршиме седницата што е во тек, нема да одиме на одмор. Потоа, ќе видиме, вели Џафери за Плусинфо.
Ако собраниската расправа се одвива според сегашната динамика, и ако не се случи нешто непредвидено, можно е предлогот на Владата за разрешувањето на обвинителот Зврлевски да дојде на ред за гласање во текот на неделава со оглед на тоа што за дебата остануваат уште дванаесетмина пратеници.
– Јас дадов доволно време по настаните од 27 април, сите да размислат со ладна глава, да го проанализираат тоа што се случи во Собранието, во контекст на институцијата, на суверенитетот и на интересот на граѓаните – вели Џафери.
Според Џафери, се очекува, Законот за употребата на јазиците да се најде на дневен ред на собраниска седница и да се расправа во текот на септември. Не прецизира датум, но вели дека тоа секако ќе се случи пред да почне кампањата за локалните избори на 25 септември.