Министерството за здравство информира дека досега со секвенционирање на вирусот SarsCoV2 омикрон е детектиран само кај еден пациент кој во државата пред извесно време се вратил од Велика Британија.
„Утврдување на присуство на сој на вирусот SarsCov2 се врши единствено и исклучиво со секвенционирање, ПЦР тестирањето, односно детектирање на S-gene dropout може да биде само индикација но не и потврда дека пациентот е заразен со сојот омикрон на Ковид 19. Досега на ПЦР тестови кај тројца пациенти позитивни на Ковид 19, детектиран е S-gene dropout, но нема извршено секвенционирање, односно нема потврда дека се заразени со омикрон. Тестирањата им се направени во приватна болница, а станува збор за пациенти од Прилеп, Велес и Струга“, соопштија од Министерството за здравство.
Според здравствените власти, на пациентите им била направена епидемиолошка анкета и согласно протоколите во изолација биле ставени и лицата со кои биле во контакт.
„Министерството за здравство апелира од воздржување и давање паушални изјави и непроверени информации кои ги доведуваат граѓаните во заблуда и шират паника меѓу населението“, е наведено во соопштението.
Од Центарот за јавно здравје денес соопштија дека во Струга е регистриран случај на заразено лице од новиот сој на коронавирусот – омикрон. Надлежните додаваа дека e заболено повозрасно лице, асимптоматски случај и дека е во изолација.