Нема преживеани во авионската несреќа во Непал

од Nikola Popovski

Нема преживеани во авионската несреќа што се случи во западниот дел на Непал.

Во моментот на несреќата во авионот на непалската компанија „Јети ерлајнс“ имало 72 лица, од кои 10 странски државјани.

Локалните медиуми јавуваат дека авионот се урнал додека се обидувал да слета на меѓународниот аеродром Похара.

Причината за несреќата се утврдува.

Најсмртоносната несреќа во Непал од 2018 година

Станува збор најсмртоносната несреќа во Непал од март 2018 година, кога патничкиот авион на компанијата „US-Bangla“, кој летал од Дака, се урнал при слетувањето во Катманду, при што загинале 51 од вкупно 71 лице во него, според Мрежата за воздухопловна безбедност.

Авионот АТР 72 на „Јети ерлајнс“ на летот од Катманду превезувал 72 лица, меѓу кои две деца и четворица членови на екипажот, изјави портпаролот на авиокомпанијата Сударшан Бартаула.

-Во авионот се наоѓале пет индиски, четворица руски, еден ирски, двајца јужнокорејски, еден австралиски, еден француски и еден аргентински државјанин, изјавил претставник на аеродромот во Непал.

Авионските несреќи не се непознати во Непал

Авионот бил стар 15 години, според веб-страницата за следење летови „FlightRadar24“.

АТР 72 е авион со широка употреба, заеднички произведен од француската компанија Ербас и италијанската компанија Леонардо. „Јети ерлајнс“ поседува вкупно 6 авиони ATR72-500, според податоците на нивната веб-страница.

Авионските несреќи не се невообичаени во Непал, кој е дом на осум од 14-те највисоки планини во светот, вклучувајќи го Еверест, каде што времето може нагло да се промени и да создаде опасни услови.

Непалскиот премиер Пушпа Камал Дахал свика итен состанок на владата по несреќата, се вели во владиното соопштение.

Слични содржини