Нема повеќе семејни веселби, полицијата ќе ви тропне на врата ако ве пријави соседот

од Берта Китинска
241 прегледи

Изминативе денови бројот на заболени со Ковид 19 расте.

За рок од три дена според податоците на министерството за здравство регистрирани се 989 заразени лица со коронавирус. По овој забрзан раст Комисијата за заразни болести реши да предложи нови рестриктивни мерки.

Нови ковид мерки

„Се забранува групирање на граѓаните во домовите на семејни прослави, слави и други собири во групи. Во едно живеалиште (стан или куќа) сопствениците дозволено е да примат најмногу четири лица. Односно, на семеен настан може да бидат сите кои се со живеалиште на таа адреса плус најмногу четворица други. Анализите покажуваат дека сериозен процент на ново заразени се токму заразени на ваков тип на настани и ова мора да го превенираме. Со оваа нова мерки дополнително ќе се избегне забавите од кафулиња и барови да се префрлат во домашни услови. Се забранува групирање на јавен простор после 22:00 часот на повеќе од 4 лица. Од истите причини, забрануваме групирање по паркови, бензински пумпи или било каде на отворено на поголема група граѓани“, истакна министерот Филипче.

Тој информираше дека се воведува и задолжително носење на маски или заштитна опрема во форма на бандана, шал или друг вид прекривка на носот и устата, секаде при престој на отворено, на затворено во било кои јавни објекти, на работно место, и во јавен и приватен транспорт.

Исклучок од ова правило се прави при спортување на отворен простор и на затворено со почитување на протоколите за заштита (дистанца, дезинфекција и слично), при транспорт во приватно моторно возило ако сите лица во возилото се од едно семејство или живеат во заедничко домаќинство, потоа при седење во угостителски објект со почитување на соодветните протоколи за дистанца и дезинфекција. Понатаму, при престој во службени простории – канцеларија ако лицето е само во просторијата. Исклучок од задолжително носење на маска имаат и децата до 6 години, односно до претшколска возраст.

Овие препораки за нови мерки Комисијата за заразни болести ќе ги достави до штабот и Владата за усвојување.

„Состојбата со вирусот е многу сериозна, токму онака како што со месеци најавувавме дека може да се случи. Европа и светот постепено се затвораат со силни рестриктивни мерки кои е очигледно дека не може да ги избегне ниту една земја. Како ќе се развива состојбата кај нас, во која насока ќе се движиме, колку брзо ќе го стабилизираме и овој удар зависи само од една работа, а тоа е однесувањето на граѓаните и почитувањето на сите мерки и препораки кои се на сила. Потребно е одговорно и совесно однесување за да превенираме пренатрупување на болниците, тоа не смееме да го дозволиме. Потребна е сериозна поддршка од граѓаните. За ова се подготвувавме, за ова информиравме со месеци наназад и сега е време сите максимално сериозно да пристапиме кон претстојниот период. Воопшто не е тешко и комплицирано да се следат основните правила за заштита. Сега веќе не верувам дека има човек којшто точно не знае како да се заштити себе и другите, сега е само прашање на волја и да се придонесе во битката со вирусот, личната заштита и заштита на сите граѓани“, изјави Филипче.

По новите мерки коишто ги посочи денеска на прес конференција, министерот за си ја смени и својата фотографија на социјалната мрежа Фејсбук.

Имено, на новата фотографија тој носи маска со што индиректно посочува за важноста од препораките за заштита од коронавирусот и носењето на заштитна маска.

Спасовски за мерката за забрана на повеќе од 4 гости

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски истакна дека уставното загарантирано право за неповредливост на домот останува и оти од тој аспект полицијата не може да делува. Единствено може да делува по пријава од соседите, рече министерот, коментирајќи ги предлозите на Комисијата за заразни болести да се забранат големи семејни собири и прослави во домовите и групирање по 22 часот, со цел да се спречи ширењето на коронавирусот.

– Од Комисијата за заразни болести се нудат одредени предлози да имаме некаква рестрикција, која ќе помогне во спречување на ширењето на коронавирусот. Јас очекувам тие предлози да стигнат на седница на Влада за кои ќе разговараме. Ваквиот предлог веројатно е базиран на податоците за случаите кои се позитивни токму од таквите групирања во домашни услови на семејни веселби. Секако дека уставно загарантираното право за неповредливост на домот останува и тука не може да делува полицијата. Меѓутоа, многу е поважно да разбереме, дека групирањето, прославите во домашни услови, претставува најголем ризик. Токму поради тоа, треба да се преземаат некакви мерки, рече министерот Спасовски.

Тој појасни дека доколку постои некаква пријава, полицијата ќе треба да се делува, меѓутоа со запазување на уставните начела кои ја гарантираат неповредливоста на домот.

– Таквите активности ќе мора да ги спроведуваме во соработка со јавното обвинителство, заеднички, се со цел да оневозможиме или да ја намалиме можноста за ширење на коронавирусот, истакна Спасовски.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 19777, бројката на оздравени пациенти е 15855, на починати е 775, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3147.

Слични содржини