Нема веќе забави и седенки по 23 часот, може да се воведе полициски час

од Берта Китинска
436 прегледи

Нема веќе забави и седенки низ кафулињата и рестораните, владата вчера ги разгледа и прифати препораките на Комисијата за заразни болести да се ограничи работно време на сите угостителски објекти до 23 часот, освен оние што вршат испорака, како и да се ограничи капацитетот на патници во возилата на јавниот превоз на 50% од вкупниот број на патници предвидени во едно возило.

Зголемениот број на заболени од коронавирусот во Mакедонија постепено ги преполнува капацитетите на болниците.
Министерството за здравство регистрира 408 нови случаи на заразени со Ковид – 19 по направени 2140 тестирања во изминатите 24 часа. Најмногу се во Скопје, 227 случаи. Потоа следуваат Охрид со 23, Струмица со 18 и Штип и Велес со по 15, а во Битола се регистрирани 10 нови случаи. Починати се 4 лица, двајца пациенти од Скопје, и по еден од Ресен и Битола.

Мерките како носење на заштитни маски на отворено, ограничување на групирање до 22 часот и ограничување на семејните собири како дел од измените на Законот за заштита на населението од заразни болести сепак денеска не се најдоа на собраниска седница. Пратениците од опозициската ВМРО ДПМНЕ побараа дополнително време да ги разгледаат предложените измени и да дадат свои предлози, па според најавите на дневен ред ќе бидат ставени на 27 месецов. Филипче апелира партиите да покажат единство и законот наскоро да ја помине собраниската процедура.

Венко Филипче, денеска побара од Собранието итно да ги донесе новите мерки. Тој вели дека веќе нема време за одлагање, бидејќи состојбата со вирусот е сериозна.

„Пратениците да покажат одговорност и што поскоро едногласно да се изгласаат двата пакети на мерки за заштита на населението и спречување на понатамошно ширење на вирусот. Барам сите сложно да испратиме порака на единство околу важноста за почитување на мерките. тие се целосно издржани, базирани на анализите на институтот за јавно здравје и на меѓународните искуства. исти или слични мерки во моментов веќе се на сила во сите европски држави“, напиша Филипче на својот фејсбук профил.

Според него и воопшто здравствените власти, ситуацијата е крајно сериозна, и следен чекор би бил целосно ограничување на движењето, односно полициски час.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во земјата од почетокот на епидемијата изнесува 24,196, бројката на оздравени пациенти е 17,673, на починати е 850, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 5.673.

Слични содржини