„Немав никакво влијание“: Шолц ги отфрли обвинувањата за затајување данок

од Stefanija Kuzmanovska

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска на сослушување пред истражната комисија на Сенатот во Хамбург ги отфрли обвинувањата за вмешаност во случајот за даночно затајување на хамбуршката приватна банка „Варбург“, додека бил на чело на тој град.

– Немав никакво влијание врз даночниот случај на банката Варбург – изјави Шолц при неговото второ појавување пред истражната комисија на парламентот во Хамбург за аферата „кам-екс“ – еден од најголемите германски повоени корпоративни скандали, објави „Ројтерс“.

Во скандалот „кам-екс“ станува збор за банки кои им помагале на своите клиенти да избегнат данок на добивката од дивиденди.

Спорни се средбите на Шолц со претставници на банката „Варбург“ во 2016 и 2017 година, кога тој беше градоначалник на Хамбург.

– Не постои ни најмало навестување дека сум се согласил со било што– рекол Шолц, алудирајќи на други сведоштва пред комисијата, додава британската новинска агенција.

Шолц изјавил дека градот-држава Хамбург не претрпела никаква штета, а банката подоцна ја платила казната, додавајќи дека се надева дека по неговото денешно сведочење ќе престане да изнесува обвинувања кои не се засновани на факти.

Слични содржини