НЕМИРИ ВО ФРАНЦИЈА: Штетата од насилните демонстрации надмина 100 милиони евра

од Stefanija Kuzmanovska

Тензиите во Франција малку се намалија по петдневните немири, откако властите неуспешно се обидуваат да ги задржат последиците од полициското убиство на алжирски тинејџер што повторно ја разгоре дебатата за расизмот и нееднаквоста.

Немири и грабежи ја погодија земјата, која неодамна помина низ серија протести поради усвојувањето на пензиската реформа и зголемените трошоци за живот. Францускиот претседател Емануел Макрон во недела свика итен состанок со членовите на владата на тема новонастанатата ситуација, пренесува Блумберг.

Во текот на ноќта меѓу саботата и неделата полицијата уапсила 719 демонстранти, а ден пред тоа – 1.300 лица. Министерството за внатрешни работи распореди 45.000 полицајци и специјалци со борбени возила во неколку градови на улиците кои беа преплавени со демонстранти кои запалија возила и каменуваа полицајци, јавни згради и излози. Медиумите ја пренесоа снимката од демонстрант од Лион, кој беше вооружен со автоматско оружје.

Немирите претставуваат политички ризик за Макрон, кој ја откажа државната посета на Германија, а растат и економските трошоци од немирите. Министерот за финансии Бруно Ле Мер рече дека 10 трговски центри, повеќе од 200 супермаркети, 250 продавачи на весници и 250 банки биле оштетени или ограбени низ земјата во саботата.

Според првите проценки на осигурителот, штетата надминува 100 милиони евра, што е бројка која ќе продолжи да се зголемува. Машката модна ревија во Париз, организирана од компанијата LVMH, беше откажана, додека локалните власти во некои градови го ограничија јавниот превоз и ги откажаа концертите и другите масовни собири.

Слични содржини