Немојте да очекувате Западот да реагира на најновиот ужас во Сирија

од Марта Пешевска
75 прегледи

 

Доналд Трамп ги осуди Путин и Иран „за поддршка на Асад“, но тоа веројатно е границата до која ќе оди, смета колумнистот на „Гардијан“ Метју Данкона. Тој оценува дека совеста станала повремена појава на нашето време – денеска е тука, а утре ја нема

 

Светот деновиве е парализиран од стравичните слики од Дума, место во близина на сирискиот главен град Дамаск. Десетици загинаа, а стотици лежат повредени, по нешто што очигледно било напад со хемиско оружје.

Не беше поинаку ниту по нападите со хемиско оружје од страна на режимот на Асад во Гута во август 2013 година, ниту кога фотографијата на Алан Курди, удавениот тригодишен бегалец, стана симбол на срамот во 2015 година; или една година подоцна кога сличен статус доби фотографијата на Омран Дакниш, момче прекриено со крв и прав извлечено од урнатините во Алепо; или минатиот април кога американскиот претседател Трамп, наводно истрауматизиран од снимките од стравичниот напад со сарин, нареди да бидат истрелани 59 крстосувачки проектили Томахак врз воздухопловната база Шајрет во западна Сирија.

Зошто дозволивме да се случи сето ова?

Пред се, затоа што Западот се уште не се опоравил од траумите што зад себе ги остави Ирак. До денешен ден Ирак останува симбол за националниот срам – за користење на недокажани аргументи за воена интервенција од кој било вид.

Втора причина за тоа е и што Западот нема одржлива доктрина за Русија. Одбивајќи да го воведеме поранешниот советски блок во семејството на слободни нации со современ Маршалов план, претпоставувајќи дека тоа можат да го сторат редовните избори и слободниот пазар, бевме и останавме несигурни како да се справиме со она во што се претвори Русија.

Спротивно на трендот на либералистичкиот интервенционизам, јас сум приврзаник на доктрината во меѓународното право „одговорност за да се заштитиме“, која е кодифицирана на глобалниот Самит на Обединетите нации во 2005 година, со што се оправдува колективната употреба на сила за да се спречи геноцид или масакр врз цивили.

Цврсто поддржувам великодушен меѓународен развој, потрошувачка и верба во должноста на богатите нации да прифатат бегалци.

Но. светот им врти грб на ваквите обврски. Западните нации градат ѕидови, се отцепуваат од ЕУ, се одвојуваат од вистинските начела на демократијата славејќи го изолационистичкиот популизам на десницата. Се надевам дека ова не е долгорочно решение, иако сега сигурно е во подем.

Затоа не очекувајте хоророт што го предизвика Дума да создаде волја за некаква значајна промена. Совеста како и секогаш ќе има само свој момент, а потоа трагично ќе исчезне.

Радио Слободна Европа – Прага