
Необичен талент кај петгодишниот Петар Кукунеш


Сака географија, а кога ќе порасне сака да биде научник
Петар е како сите други дечиња, има омилени цртани, омилени игри, но најмногу време поминува на каналите од типот Национална географија. Забележа дека неговите другарчиња не ги сакаат државите, туку го сакаат Спајдермен, ама нему му е досаден. Кога ќе порасне, сака да биде научник.
-Јас знам географија. Ги знам сите држави. Има седум континенти, Европа, Австралија, Северна и Јужна Америка, Азија, Африка и Антарктик, ни кажува Петар, кој почна да раскажува специфики на сите континенти.
Уште малку ќе наполни шест години, а неговата роденденска торта сака да биде со национална географија. Петтиот роденден овој мал, а голем генијалец го прославил во знакот на знамињата на државите во светот.
-Ние живееме на планетата Земја, а на другите планети Меркур, Венера, Марс, Јупитер, Сатурн, Уран, Нептун нема живот, а се пошегува дека таму има зомби, појаснувајќи и дека Плутон е џуџеста планета.
Со родителите сака да ја посети најголемата црква „Свети Петар“ во Рим или, како што ни појасни во Ватикан, а кога го прашавме за тоа каде се наоѓа црквата „Свети Петар“, на шега ни рече во Калишта.
Петар чита цели реченици, а не како почетник
Неговиот татко Никола Кукунеш ни откри дека до три години малиот генијалец не зборувал ништо, освен основните зборчиња, како мама, тато… Кога бил помал, покрај цртаните филмови, го привлекувале формите, боите, планетите…
– Кога почна да дава знаци на комуникација ние сфативме дека детето е писмено. Тој читаше цели зборови и реченици, не слогови како почетник. Географија учи сам. Градовите и државите ги знаеше уште на четири години. Дома има голема карта на светот, има два глобуси, географски атласи… Кога одиме во книжарница да купиме сликовница или боенка, покрај со тоа, Петар излегува и со атлас, географска карта, глобус…, вели Никола.
Петар сака да оди во градинка, ги сака учителките, но утринските будења им биле вистински ритуал. Бидејќи бил тежок за будење, родителите откриле начин како да го станат. Будењето почнувало со гласна музика и омилената негова песна во периодот, па така полека станувал. Имало периоди кога во градинка му било досадно, па во согласност со можностите на родителите го одморале од тие активности, но тој продолжува сам да се едуцира дома.
Викендите резервирани за наука и машка дружба
Викендите се резервирани за машка дружба и едукација. По дневните прошетки, дружби со пријателите и многубројните активности, мама Благовеста и сестричката Евгенија одат заедно на спиење, а тато Никола и Петар остануваат во дневната соба да се дружат, едуцираат и продолжуват заедно да спијат.
Родителите се интересирале да го пуштат порано во училиште, но сепак одлучиле да почне кога ќе дојде календарски време за тоа, па времето, ако покаже потреба за прескокнување класови, тогаш ќе одлучуваат.
Талентот на Петар и неговата интелигенција не застануваат тука. Тој продолжува да проучува и да открива нови нешта, сè што ќе слушне го впива. Ни ја кажа азбуката на кинески јазик, броеше на јапонски, пееше рефрени од песни на овие јазици, но и на турски, хрватски, бугарски…
Текстовите, фотографиите, видеоматеријалите и другите содржини што ги објавува „lokalno.mk" се авторски.
Во ниту еден случај не е дозволено нивно бесплатно преземање без дозвола од редакцијата на Lokalno.
Доколку се добие дозвола, текстовите, фотографиите, видеоматеријалите и другите содржини дозволено е да се преземат со задолжително наведување на изворот и авторот со вметнување на директна интернет-врска (линк) до оригиналната содржина на „lokalno.mk".
При добивање на одобрување од редакцијата за превземање на текст, може да се превземе само дел од новинарско дело насловот, придружната фотографија (односно насловната фотографија) и воведниот дел на текстот, познат како „лид"
Преземање содржини од „lokalno.mk" надвор од овие услови не е дозволено и подложи на санкционирање согласно Законот за авторски и сродни права.