На денешното рочиште во предметот „Труст“ на СЈО беа пуштени 10 бомби, до сега необјавени во јавноста. Емитуваните прислушувани разговори главно се меѓу генералниот секретар на владата Кирил Божиновски и директорот на ЕЛЕМ Влатко Чинговски, кои прават планови како „Силекс неметали“ и „Трансмет“ да ги добијат тендерите.
Тие употребуваат кодирани имиња затоа што се сомневаат дека се прислушувани. СЈО појасни дека сопственикот на „Силекс неметали“, Горан Иванов, го нарекуваат „дебелиот“ или „телевизорот“, додека бизнисменот Сеад Кочан е „ибицата“.
„А за цената да не зборуваме по телефон, може не слушаат“, му вели Чинговски на Божиновски, пренесува „Сакам да кажам“.
Чинговски признава дека „дебелиот“ и „ибицата“ исполнувале само 80 отсто од условите во тендерот, а немале ни финансиски извештаи.
Кога му се јавува Чинговски на Иванов, разговорот почнува со констатација на Иванов дека минатиот тендер добро го извеле.
А за овој, Чинговски му вели: „Добро е, најевтини сте. Ама одбиените може да се жалат”.
„Другите не смеат да се жалат. Ќе ги стегнеме. Гранит ли ќе се жали, ќе им ја ебеме мамата у пичка“, се заканува Иванов пред Чинговски.
А тој му вика: „Мислам дека добро го тераме“.
„Одлично“, вели Горан Иванов, син на Љубисав Иванов – Ѕинго.
„Труст“ е предмет за злоупотреба и фалсификување на податоци за тендер на ЕЛЕМ за ископ на јаглен за РЕК Битола, со кој буџетот државната компанија ЕЛЕМ бил оштетен за 17 милиони евра буџетски пари.