Љупчо Нешков, сопственикот на бугарската новинска агенција БГНЕС во изјава за емисијата „Трилинг“ прашува зошто во Македонија сметаат дека односите меѓу Скопје и Софија зависат од некои избори.
„Прво зависеа од изборите во Македонија, па се запре работата на Комисијата и општо сите разговори беа прекинати. Сега се чека на овие избори во Бугарија во услови кога може нема да има влада. Што треба Македонија да чека нови парламентарни или претседателски избори во Бугарија?“, вели Нешков и потенцира дека нашата земја загубила две златни години, во кое сме можеле да решиме многу прашања и да отвориме една голема перспектива.
„Сепак тоа се случува кога имате работа со неискрени патриоти. Во Софија никој не се интересира за јазикот и идентитетот на Македонците. Бугарија сака се исполни Договорот од 2017 година. Во Скопје сите тие патриоти многу ќе жалат за Борисов, Захариева и Каракачанов“, смета Нешков.
Бугарската Централна изборна комисија ги објави конечните резултати од неделните парламентарни избори.
Во пратенички мандати тоа изгледа вака: партијата на премиерот во заминување Борисов ГЕРБ ќе има 75 пратеници,,Има таков народ“ на шоуменот Слави Трифонов 51, Социјалистичката партија на Бугарија 43, Движењето за права и слободи 30, Демократска Бугарија на поранешниот министер за правда Христо Иванов, 27, ,,Исправи се“ на поранешната народна правобранителка Маја Манолова, 14 пратеници.