НЕСЛАВЕН КРАЈ НА УЧЕСТВОТО НА АЛТЕРНАТИВА ВО ВЛАДАТА: „Ниту Орвел не може да ја предвиди нашата политичка сцена“

од Nikola Popovski
400 прегледи

Алтернатива синоќа одлучи да излезе од Владата, само неполни две години откако тогашниот премиер Зоран Заев потпиша договор со Африм Гаши. Лидерот на партијата реагираше луто на најавената реконструкција на Владата, со што Алтернатива би останало само со едно министерско место. „Иако нашите довчерашни партнери ја поминаа и последната етичка линија и немаа трпение да ја чекаат нашата одлука на Централното собрание, што доволно говори за нивниот политички морал, ние денеска се собравме и одлучивме Атлернатива со тројцата пратеници и сите нејзини структури ќе биде опозициска партија. Сепак ние остануваме посветени на европскиот пат и нашите идеолошки определби, европската програма и доблестите во кое веруваме. Ќе продолжиме да се ангажираме за доброто и подобар стандард на сите граѓани. Ќе ја поддржиме секоја агенда која е во интересот на граѓаните“, рече меѓу другото Гаши.

Останува дилемата дали е ова паметен потег на Алтернатива. Според политичкиот аналитичар Џенур Исени, партијата на Гаши беше искористена.

Џенур Исени

-СДСМ и ДУИ ја земаа во Владата, ја искористија па ја тргнаа. Значи се повтори ситуацијата од 2017 година, кога ги исфрлија од Владата Алијансата за Албанците. И Алтернатива практично немаа друг избор освен да „излезат“ или да останат во Владата потчинети, порачува тој за „Локално“.

Според него, Алтернатива лошо ќе помине на следните избори, бидејќе е изиграна од нивните довчерашни коалициски партнери.

-И тоа ќе се одрази и врз нивните гласачи, и тешко дека ќе добие поволен резултат освен ако не се случат некои непредвидливи работи по политичката сцена, смета Исени.

Тој смета дека СДСМ и ДУИ „направија кукавички и неморален потег“.

-Сега кога ни со нив немаа мнозинство во Парламентот ја земаат Алијансата за Албанците за да имаат 61. Ова го кажувам од причина што „Огнената група“ има некои пратеници кои не се стабилни за владата и затоа е приклучена Алијанса. Глупости се претензиите на АА дека заради евроскиот пат тие ќе бидат дел од Владата. Поточно кажано тие ќе бидат дел од Владата само за да имаат стабилно мнозинсво, ништо друго, појаснува Исени.

На прашањето дали очекува во идниот период коалиција меѓу Алтернатива, БЕСА и ВМРО, аналитичарот вели дека „нашата политичка сцена во моментов не би можел да ја предвиди ни Џорџ Орвел“.

-Се е можно, и со оваа коалиција, ВМРО сигурно би победил на овие избори. На Алтернатива ѝ треба Алтернатива, и тие од денеска верувам дека ќе почнат да се позиционираат некаде, посочува Исени и додава:

-Граѓаните кои беа незадоволни од овој владин состав гласаа за овие „опозициски“ партии и истите овие партии едвај ја дочекаа приликата да го изедат владиниот колач, ова покажува дека биле многу гладни. Не им е доцна дури и да постапат спротивно на волјата на народот, народот ги остави во опозиција, а тие се обидуваат да добијат „повеќе позиции од бројот на гласови што ги имаат“.

Политичкиот аналитичар и професор Тони Науновски смета дека единствено што ќе остане запомнето во маедонската политичка јавност од делувањето на Алтернатива во Владата е „дрското и антизаконско менување на бројката на т.н. балансер од страна на нивниот министер за информатичко општество и администрација“.

Тој во разговор за „Локално“ жали што немаше остра реакција од владеачките партии на ваквата одлука“.

Тони Науновски

-Имено, ако се сеќавате, после пописот и јасните законски решенија во врска со резидентното население како исклучива референца за сите политики, министерот од таа парттија го зголеми процентот на албанско население дури на над 30 проценти, односно ја зема вкупната бројка на проценти по национална припадност и ја постави како процент за вработувања во јавната и државна администрација. За жал, немаше остра реакција од СДСМ освен изјавата на министерката Грковска дека не се согласува со таа одлука на министерот од Алтернатива, а ниту од ВМРО-ДПМНЕ кои и тогаш со молкот потврдија дека се само обични политички опортунисти, на ова антизаконско штелување на балансерот со јасна националистичка цел за повеќе вработени од албанската националност, кои и онака според релевантни податоци се многу повеќе од 24 па и 30 проценти, и тоа е проблем со кој ќе мора државата да се соочи, порано или подоцна, бидејќи генерира системска економска и друга нестабилност. Оттаму, прва задача на новиот министер за ИОА е враќање на балансерот на бројката 24 и стриктно нивелирање на оваа бројка во сета јавна и државна администрација. Крајно време е сета демократска јавност да и осуди сите такви политики и политички дејства на индивидуи кои своите државни функции ги злопотребуваат во насока на дифузија на анахрони националистички цели и да го елиминира тој квазиполитички принцип на процентуално вработување наспроти компетитивност на знаење, објаснува Науновски.

Тој ја смета за легитимна одлуката на премиерот Ковачевски за смена на министрите од Алтернатива.

-Се разбира, во оваа легитимна одлука на СДСМ да ги разреши министрите од Алтернатива, очекувано, од мицковистичкото ДПМНЕ вообичаено површно и крајно дегутантно опортунистичи, виделе некаква шанса за реализација на нивната главна цел, седнување во државни фотељи и добивање функции односно власт. Меѓутоа, денешното соопштение на Алтернатива да не ги инструментализираат за таа нивна цел јасно покажува дека и овојпат таму нешто погрешно процениле во својата политичка заслепеност за власт. Дури и смешно беше како нивната за жал сеуште моќна пропагандна машинерија се радува и го поттикнува излегувањето од Владата на Алтернатива, сметајќи дека така ќе се прошири реално непостоечкиот фронт против Владата на СДСМ, но еве, илузијата и радоста кратко им траеше, до децидното сооштение на Алтернатива. Впрочем, дури и несериозно ми делува било какво споменување на мицовистичкото ДПМНЕ како релевантен политички субјект; во своето 6 годишно делување на нивното раководство, практично сите побитни политички ставови и дејства се тотално погрешни, конфузни, самоконтрадикторни, и наведувани од само една цел, освојување на власта по секоја цена заради фотељи. Таа партија која до 2016 година имаше идеолошка конзистентност, програмска рационална агенда и кохерентно политичко делување, одамна е претворена во конфузен збир на несериозни и површни делувања, а богами и ликови. Оттаму, во таа партија и после овој акт на излегување на Алтернатива од Владата ќе останат изолирани во својата имагинарна големина и неотсонуван сон за власт, истакнува аналитичарот.

Алтернатива

Според него, „во ВМРО-ДПМНЕ упорно се обидуваат околу 200-300 луѓе, кои имаат директни или индиректни бенефиции од партиските функции, да си ги задржат позициите и привилегиите и парите од државниот партиски буџет, како и преостанатите партиски ресурси во налетот на се поголемото незадовоство на нивните членови“.

-На сите им е јасно дека додека не дојде ново раководство таму, народот и битните субјекти во политичкиот дискурс нема да ги третираат како алтернатива на власта, колку и таа да не работи добро или доволно добро за подобар живот на луѓето кои живеат во оваа држава. Такви, изолирани во својата самодоволност, нивното раководство прави редица смешни обиди за враќање на релевантноста, посебно преку медиумите кои се очигледни нивни поддржувачи, но просто неверојатно е да се замисли дека некој сериозен политики субјект, еве на пример Алтернатива, да коалицира со нив, дури и наменски и прагмитично –  па, како би можел Африм Гаши да седи на иста маса со, да речеме, оние ликови од нивниот бизарен таканаречен патриотски институт со нивните кокарди, војводски униформи и извици, кубури и ками, па зарем е можна таква политички харакири ситуација членовите на Алтернатива да маршираат на денски стражи со тие гротескни ликови кои шират квазипатриотизам заради гласови? Не верувам, но затоа верувам дека наскоро ќе има комплетна промена на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, ни рече Науновски.

Н.П.

Слични содржини