Независни активисти и членови на совети: Партиите по скратена постапка го блокираа учеството на независни кандидати на сите наредни избори

од Nikola Popovski
219 прегледи

На подмолен начин, без консултации и јавна расправа, по скратена постапка и спротивно на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, најголемите политички партии под изговор дека им помагаат на граѓаните без валидни документи, донесоа дополнителни скриени измени на Изборниот законик со што практично ги исфрлија од игра независните кандидати и ги спречија да учествуваат на сите следни избори на локално и на национално ниво, велат дел од независните организации и иницијативи преку реакција во однос на измените на Изборникот законик.

Се нагласува дека поднесени од пратениците на ВМРО – ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ и со премолчана поддршка од сите останати, измените го зголемуваат прагот на потребните потписи за учество на изборите, од досегашните 1.000 потписи, на 1% отсто од запишаните избирачи.

-Ваква измена истиот овој парламентарен состав се обиде да спроведе и пред локалните избори во 2021 година со цел отстранување на голем дел од новите независни кандидати, но обидот беше блокиран од голем број на амандмани. За потсетување, на локалните избори 2021 година независни кандидати добија место во дури 33 општини или 41% од сите општини во Македонија и Градот Скопје!

Преведено во бројки на национално ниво ако ја земеме за пример Изборната единица (ИЕ) 1, наместо досега потребните 1.000 потписи, со усвоените измени на независните ќе им требаат 3.372 потписа за да поднесат независна листа. Според бројките на запишани избирачи, за ИЕ 2 на независните ќе им бидат потребни 2.408 потписи, за ИЕ 3 – 3.005, за ИЕ 4 – 2.945, за ИЕ 5 – 3.395 и за ИЕ 6 – 2.486 потписи.

Просекот на граѓани кои излегле на гласање на последните парламентарни избори во 2020 г. во ниту една ИЕ не надминува 60% од гласачите на избирачкиот список. За споредба, во ИЕ 1 се запишани 337.214 гласачи, од кои гласале 169.773 или 50%, порачуваат невладините организации.

Се додава дека овие измени ги истиснуваат независните и од учество на локалните избори идната година.

-За независна листа на кандидати за членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник на Град Скопје, ќе бидат потребни 4,674 потписи.

На последните локални избори во 2021 година, во град Скопје запишани избирачи биле 467.373, од кои гласале 229.531. Ако ги земеме изборните резултати каде што еден советник од независната листа бил избран со 4.611 гласа, произлегува дека повеќе потписи ќе бидат потребни за учество отколку за добиено советничко место на избори.

За независна листа на кандидати за членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник на Град Скопје, ќе бидат потребни 4.674 потписи, стои во реакцијата.

Како група на независни активисти и членови на совети низ Македонија, бараат веднаш да се отстранат апсурдните услови за собирање потписи на независните кандидати на избори, и да се постави услов од најмногу 50 собрани потписи за независни кандидати, се дозволи собирање потписи на терен и надвор од канцелариите на ДИК, се зголеми периодот на собирање потписи на 30 дена, се дозволи името на советничките независни листи да биде во целост наведено на избирачкото ливче и да се дозволи пристап и на независните до избирачкиот список.

Потписници на иницијативата се: Независни За Карпош – За Заштита На Карпош – Скопје, Зелен Хуман Град – Скопје, Шанса за Центар – Центар – Скопје, Подобро за Тетово – Më mirë për Tetovën – Тетово, Поинаку – Битола, Зелените Од Гази Баба – Скопје и СТИГА Е – Фронт против рудникот и загадувачите на животната средина – Босилово, Ново Село

Слични содржини