На трибината „ЕУ за македонското културно богатство”, во рамки на кампањата „Ние сме Европа” која се одржа во Битола, покрај вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска и заменик амбасадорката на Република Чешка, Штајнер Вотавова, говорник беше и Филип Јовановски, визуелен уметник и културен работник.
Тој во своето обраќање ги сподели искуствата во различни проекти кои ги користат преку европската програма за култура „Креативна Европа” и што за независните институции од областа на културата значат можностите од оваа програма.
– Во моментов имплементираме проекти од Креативна Европа, партнери сме во три проекти и она што е уникатно за мене кога ќе споредам искуство со соработка со други донатори и поддржувачи е огромната слобода која ја имаме, мислам дека досега таков тип на слобода во програмирањето на културните активности сме ја немале, а Креативна Европа тоа ни го овозможува. Тоа е многу битен аспект особено за независна институција како нашата, рече Јовановски.
Јовановски додаде дека другиот аспект којшто го нуди програмата Креативна Европска е можноста за поврзување со високи професионалци од областа на современата уметници и култура од Европа.
– Годинава имавме можност преку Креативна Европа, а во партнерство со Министерството за култура да имплементираме програма во која учествуваа околу 20 уметници од Северна Македонија во Република Чешка и тоа беше комбинација на млади уметници и размена со автори од локалниот регион. Сега продолжува и во ноември дел од програмата ќе се реализира кај нас, посочи Јовановски.
Според искуството во оваа програма кое го имаат културните работници, Креативна Европа е можност за размена на знаење, преиспитување на идејата за заедништво и солидарност и размена на програми.
Според досегашната работа на проекти во рамки на оваа културна програма на ЕУ, за Јовановски соработката во рамки на Креативна Европа е ренесанса и дава слобода. Тој нагласи дека ЕУ воведува нов начин на работа со кој ги намалуваат бирократските процедури, се зајакнува доверба и ги зајакнува и развива малите организации.
Јовановски кажа дека имаат голема поддршка и помош од Министерството за култура со тоа што учествува и имам удел во вкупниот буџет на програмата и на проектите, и ги охрабри културните работници да ја користи програмата максимално, бидејќи како што рече тој „е отворена, слободна и поттикнува да малите културни организации да се движат напред”.
Креативна Европа е единствената програма на Унијата конкретно наменета за културните, креативните сектори и аудиовизуелниот сектор во Европа. Нашата држава и останатите земји со потпишувањето на меѓународниот Договор помеѓу нашата држава и Европската Унија за учество во Програмата Креативна Европа 2021 – 2027 година, во декември 2021 година, официјално се пристапи кон спроведувањето на третиот циклус оваа програма на Унијата, како единствен стратешки (политички) и финансиски инструмент на ЕУ наменет за културниот, креативниот и аудиовизуелниот сектор.
Оваа програма за периодот од 2021 до 2027 година, обезбеди 2, 44 милијарди евра за поддршка на европската култура, достапни и за македонската. Министерството за култура е дел од различни европски проекти, а конкретно, во програмата Креативна Европа учествува со вкупен износ од 1,14 милиони евра.
Трибината „ЕУ за македонското културно богатство” се одржа во Битола, а следната недела продолжува кампањата „Ние сме Европа” во Прилеп.