Николоски од Прага: Преговарме за нови авионски линии Скопје – Прага и Охрид- Карлови Вари, но и економска соработка

од Љубиша Владимиров
24 прегледи

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, ја продолжува својата работна посета на Чешката Република, каде учествува на Комитетот за економска соработка меѓу Македонија и Чешка. Во рамки на посетата, тој оствари средби со високи претставници на чешката влада, вклучително и со министерот за транспорт и министерот за енергетика.

Посебен акцент на разговорите беше ставен на воспоставување на директна авионска линија меѓу Скопје и Прага, како и можноста за нова линија Охрид – Карлови Вари. Според Николоски, разговорите со директорот на аеродромот во Прага биле конструктивни и се очекува наскоро официјализирање на договорот.

„Разговаравме за отворање на директна линија меѓу Скопје и Прага и сме многу блиску до финализирање на договорот. Исто така, разгледуваме можност за линија Охрид – Карлови Вари како втора дестинација“, изјави Николоски.

Дополнително, вицепремиерот се сретна со претставници на реномираната фабрика Шкода, со цел да ги убеди да инвестираат во Македонија. Тој нагласи дека работната посета вклучува и соработка во други сектори, како земјоделие, култура, туризам, економија и финансии, што ќе придонесе за зајакнување на односите меѓу двете земји.

Очекувањата се дека овие разговори ќе резултираат со зголемена трговска размена, нови инвестиции и подобрена туристичка понуда за македонските и чешките граѓани.

Слични содржини