Николов: Бизнис секторот ќе мора да ги зголемува платите доколку сака да ги задржи работниците

од Vladimir Zorba
948 прегледи

Проценувајќи ги ефектите од зголемувањето на минималната плата и усогласувањето на пензиите низ економската призма на македонската реалност, економистот Марјанчо Николов за Локално, посочува дека нема да има подобрување во животниот стандард  на граѓаните, но ќе биде спречено неговото дополнително влошување.

Според него, ќе растат и другите плати, но не заради зголемување на минималецот туку само затоа што така ќе можат да се задржат работниците да не заминат од земјата. Во тој случај вели тој, проблемот со недостиг на работна сила нема да може да се реши ниту со увоз на работници од странство.

Долгото опстојување на системот на ниски плати со цел обезбедување на конкурентност на некои од компаниите, доведе до состојба  нашите работници да ги напуштаат компаниите со пониски плати и да заминуваат во компании кои нудат повисоки плати, или за жал да одат во други земјиКонкурентноста треба да се зголемува со инвестиции во посовремени средства за работа, во организација на работата со доквалификување и повисоки обуки на вработените, а не да се смета дека постојано ќе има вишок на вработени кои ќе бидат спремни да работат за пониски плати. Увозот на работници, доколку се дозволи, можеби ќе го ублажи проблемот но доколку не се следи развојот на технологијата и know-how, проблемот нема да се реши”, вели Николов.

Во таа насока според него е и мерката за замрзнување на цените на дел од прехрамбените производи. Намалувањето на ценитe не е пазарна мерка и истата треба да биде од привремен карактер, смета тој.”

“Доколку и понатаму продолжи трендот на пораст на цените со повисоко темпо, Владата треба да размисли за активирање на стоковите резерви и/или доделување на дополнителна парична помош на најраливите категории на граѓани за да можат едноставно да имаат барем пристоен живот и не влегуваат во категоријата  сиромаштија”, потенцира Николов.

Овој месец се зголеми минималната плата а согласно закон, се направи и усогласување на пензиите. Иако станува збор за историски најголеми покачувања,со оглед на сеуште високата инфлација, дали сметате дека овие зголемувања на примањата ќе го подобрат стандардот на граѓаните? Дали очекувате зголемување и на останатите плати како во јавниот така и во приватниот сектор?

-Зголемувањето на минималната плата за околу 2 170 денари и на пензиите за 8,4% поради се уште високата инфлација можеби нема да придонесе за подобрување на животниот стандард на граѓаните но секако ќе придонесе за негово зачувување и спречување на дополнително намалување доколку не беше зголемувањето на минималната плата и усогласувањето на пензиите.Платите во останатите сектори ќе растат не само поради зголемувањето на минималната плата туку и поради недостигот на работна сила поради што бизнис секторот во рамките на својте можности ќе мора да ги зголемува платите доколку сака да ги задржи работниците и согласно потребите да привлече нови.

Започнува расправата по новиот Закон за плати во јавниот сектор. Од синдикатот на УПОЗ велат дека 110 000 вработени земаат плата блиска до минималната, што јавната администрација ја прави значително непрофесионална. Дали евентуаното зголемување на платите ќе ги направи вработените поефикасни?

-Според мене, добро е да почне дијалог на Економско- социјалниот совет околу платите во јавниот сектор и Општиот Колективен договор.Поради неусогласеноста на растот на платите со растот на  минималната плата, се случува процес на изедначување на висината на платите за голем број на вработени кој работат работи со различен степен на сложеност и одговорност, што делува демотивирачки на вработените кој претходно поради сложеноста на работата и нивото на одговорност,добивале повисока плата од минималната и сложеноста на нивните работни места била повисоко вреднувана.Сега во голем дел од јавниот сектор ќе се случи платите на вработените скоро да се изедначат без разлика на нивниот степен на сложеност и одговорност.Тоа ќе придонесеработните места во јавниот сектор како и во другите сектори да стануваат неатрактивни и работниците да одбираат да работат во други сектори или за жал да заминуваат во странство во други земји.Треба да се најде баланс бидејќи квалитетот на извршувањето на работните задачи покрај другото зависи и од месечните примања.Зголемувањето на платите ќе ги направи вработените поефикасни но тоа не е единствен фактор кој влијае на ефикасноста. Системот на квалитет и напредување во службата согласно образованието и личните вештини на работникот, работната атмосфера, можноста за напредување во кариерата во зависност од одговорноста и квалитетното извршување на работите, се исто така фактори кои влијаат на ефикасноста.

Во континуираната трка меѓу цените и платите, во битката за стандардот на граѓаните беше замрзната цената на лебот, тестенините и млечните производи, а надолни корекции ќе добијат и јајцата и шеќерот.Дали сметате дека цените ќе се намалеа и без вакви владини интервенции? Дел од производителите негодуваат и велат дека ќе се предизвика недосток од прехрамбени производи на пазарот, а дел сметаат дека наместо замрзнување на цените, на граѓаните требше да им се дадат по 2000 денари.

-Замрзнувањето и намалувањето на цените на одредени прехрамбени артикли како лебот, млекото, макароните и другите во најава, не е пазарна мерка и истата треба да биде од привремен карактер за ублажување на ударот на инфлацијата која најмногу ја чуствуваат луѓето со пониски примања и оние кој овие артикли најмногу ги трошат. Доколку и понатаму продолжи трендот на пораст на цените со повисоко темпо, Владата треба да размисли за активирање на стоковите резерви и/или доделување на дополнителна парична помош на најраливите категории на граѓани за да можат едноставно да имаат барем пристоен живот и не влегуваат во категоријата  сиромаштија.Мислам дека цените немаше да се намалат без интервенции бидејќи за жал кај нас мал број на компании (мојата почит кон нив) покажаа одговорност и разумност и не се определија за заработување на екстра профити на грбот на граѓаните преку ненамалување на цените, иако влезните импути(гориво,суровини и др.) на берзите имаа и се уште имааат тренд на намалување.На ова поле очигледно во иднина ќе треба повеќе да поработи и Организацијата на потрошувачи и да ги нотира сите компании кој сакаат да заработат екстра профит.

Владата најавува либерализација на увозот на странски работници а на пазарот се говори дека веќе оперираат Агенции кои регрутираат таква работна сила па така од рај за евтина работна сила, Македонија сега се соочува со длабок недостиг на работници. Дали сметате дека увозот на работници е вистинското решение за да опстане македонската економија, особено текстилниот и градежниот сектор каде недостигот на работна рака е доминантен?

– Долгото опстојување на системот на ниски плати со цел обезбедување на конкурентност на некои од компаниите, доведе до состојба  нашите работници да ги напуштаат компаниите со пониски плати и да заминуваат во компании кои нудат повисоки плати, или за жал да одат во други земји. Конкурентноста треба да се зголемува и со инвестиции во посовремени средства за работа, организација на работа со доквалификување и повисоки обуки на вработените, а не да се смета дека постојано ќе има вишок на вработени кои ќе бидат спремни да работат за пониски плати.Увозот на работници, доколку се дозволи, можеби ќе го ублажи проблемот но доколку не се следи развојот на технологијата и know-how, проблемот нема да се реши.

Потребно е да се направат сите напори доколку имаме резерви на домашна работна сила, истата да се дообучи или преквалификува согласно потребите на домашните компании.

Издавањето на новата еврообврзница откако пропадна претходната, сеуште е тема на интерес во јавноста особено во делот на тоа дали некој треба да понесе одговорност. Инвеститорите од меѓународните инвестициски задоволни што заработиле повеќе за ист ризик, порачаа земјата да ја поврати репутацијата.Како може државата да ја врати довербата на инвеститорите?

-Повторното издавање на деветтата по ред еврообврзница во износ од 500 милиони евра со купонска камата од 6.960% во комбинација со инструментот за макрофинансиска поддршка од 100 милиони евра од ЕК со камата од приближно 3%,откако не беше успешен претходниот обид за издавање на еврообврзница на износ од 600 милиони евра со купонска камата од 6.25% , беше лош пример за некоординираност на институциите и лош сигнал за инвеститорите и кредитниот имиџ на државата кој во конкретниот случај државата го плати со повисока каматна стапка на повторно издадената еврообврзница за 0.71% на годишно ниво.Интересот за еврообврзницата од друга страна е сигнал дека инвеститорите не ја изгубиле значително довербата во кредитниот рејтинг на земјата но несомнено пропустот на оние кој ја купија еврообврзницата ќе им донесе повисок принос.За целосно покривање на дефицитот во 2023 г. од кој дел е за враќање на претходни долгови кој доспеваат и дел за покривање на помалите приходи од планираните расходи за 2023 г. ќе бидат потребни нови задолжувања за коиВладата треба сериозно да размисли од каде ќе ги обезбеди, бидејќи условите на пазарот на пари се заоструваат и парите стануваат поскапи со повисоки камати пред се поради политиките на Централните банки да ги зголемуваат референтните каматни стапки со цел ставање на инфлацијата под контрола.Вкупните задолжувања за 2023 г. се планирани на износ од 1,5 милијарди евра од кој 847 милиони евра за враќање на стари долговии околу 200 милиони евра за камати кон домашни и странски доверители.

Бројките покажа дека минатата година заврши со понизок БДП од првично очекуваниот ( 2,1 % наместо 4 %).Какви ќе бидат движењата во економијата за првиот квартал од годинава и евентуално за првото полугодие?Дали и во колква мерка можат да влијаат случувањата во банкарскиот сектор?

-Добро е што минатата година се заврши со раст на БДП затоа што имаше предвидувања и за рецесија која за среќа не се оствари.Во првиот квартал и полугодие очекувам раст доколку не се случат други непредвидени настани коинегативно би влијаеле на растот како што се последните превирања на финансискиот пазар пред се банкарскиот сектор кои може да донесат дополнителна неизвесност во остварувањето на планираниот раст и намалувањето на се уште високата инфлација.Искрено се надевам дека нема да се случат.

К.В.С.

Слични содржини