Николов: Се надевам дека со ребалансот нема дополнително да се зголеми дефицитот и јавниот долг на државата

од Vladimir Zorba

Очекувањата на Владата дека со ребалансот на буџетот планиран за септемрви, ќе се подобри стандардот на граѓаните е добра појдовна основа, но на неа треба да се опстои. Ова се суштината на коментарите на економистите по најавата на премиерот Ковачевски дека во Министерството за финансии се прават анализи за нова прераспределба на државните пари.

Се предвидуваат средства за повисоки плати на вработените во јавниот сектор како резултат на потпишувањето на Општиот колективен договор, исплата на К-15 во износ од 10.000 денари , а дополнителна ставка е и зголемувањето на платите на избраните и именуваните лица во вкупен износ од 8 до 16 милиони евра.

Се на се, според економистот Марјанчо Николов, доаѓаме до сума од 48 до 56 милиони евра.

„Ако се точни најавите дека со ребалансот би се извршило пренамена на 100 милиони евра, Владата треба да даде објаснување за што би се пренамениле останатите од 44 до 52.000.000,00 евра. Искрено се надевам дека за да се обезбедат овие 100 милиони евра нема да се оди на дополнително зголемување на дефицитот и на јавниот долг на државата, како и дека нема да има кратење на планираните капитални расходи во буџетот. Посакувам и очекувам Владата да најде дополнителни средства преку пренамена на средствата од буџетските корисници и министерствата, од ставките кои не се продуктивни и неопхопдни, и да кратат од нив“, изјави Николов за Локално.

Покрај најавите за зголемување на платите и пензиите, заложбата за подобрување на стандардот на граѓаните според него би било добро да се задржи или подобри доколку во случај на потреба бидат предвидени дополнителни мерки за помош на граѓаните. Тие би се однесувале пред се на социјално загрозените категории и тоа преку спречување на ценовните шокови на оновните прехрамбени артикли.

Марјанчо Николов

Марјанчо Николов

Во оваа насока Николов наведува неколку примери: исплата на дополнителна парична помош, обезбедување на евтина електрична енергија и гас со цена пониска од берзанските за компаниите доколку дојде до значително зголемување во пресрет на подготовките за претстојната грејна сезона.

„Се надевам дека Владата има испланирано средства за вакви мерки доколку се јави потреба, впрочем и самиот Министер за финансии најави дека средствата кои би се собрале од солидарниот данок, кој според нивните проценки би изнесувале околу 70.000.000,00 евра би се употребиле за спроведување на антикризни мерки, но овие средства би требало да бидат само дел од вкупно потребните“, вели Николов.

Според него, добро е што се зголемува опфатот на производи со повластена даночна стапка од 5% и се повлекува најавеното зголемување на даночната стапка за прометот на пелети и печки на пелети.

Во однос на дилемата дали и по ребалансот ќе има опасност од нов ценовен шок, Николов одговара  дека тој постои, односно дека  речиси година и половина,особно со почетокот на  војната во Украина, сите ние како граѓани сме сведоци на истиот.

„Последните месеци инфлацијата забави поради мерките на монетарната политика, на Владата и надминувањето на  глобалните проблеми во синџирите на снабдувањето пред се со ел. енергија, гас и храна. Но предизвиците и опасностите постојат и треба сите чинители пред се Владата и Народната банка многу внимателно и координирано да ја следат состојбата и да ги заштитат граѓаните и економијата од нови високи ценовни шокови или рецесија“, вели Николов.

Неговите очекувања се дека до крајот на годината економскиот раст ќе се движи во рамките од 2-3% во зависност од состојбите на глобалната економија и реализацијата на капиталните расходи од буџетот, и тоа пред се на проектот за изградба на автопатските делници согласно договорот со “Бехтел и Енка”.

Инфлацијата од друга страна, како што проценува, би требало да се движи од помеѓу 8-10% доколку монетарната политика како досега остане на висина на своите надлежности и не се случи непредвидено надминување на фискалните рамки со оглед на како што посочува, секојдневните барања за покачување на платите и пензиите во поголем износ од договорениот и планираниот.

Премиерот Ковачевски пред неколку дена изјави дека очекува да продолжи трендот на намалување на инфлацијата  до крајот на годината и да се одржи едноцифреното ниво, а веќе следната година да биде околу 2 процента. Според него, паралелно на ова, ќе растат и платите како минималната, така и просечната плата, пензиите и платите во јавниот сектор.

К.В.С.

Слични содржини