Николовски: Суспензијата на иселеничките визи за Македонците е доказ дека сме дел од нациите кои САД ги гледа како несериозни!

„Небитни сме за администрацијата на Трамп“: Колку навистина САД и Македонија се сериозни стратешки партнери?

од Nikola Popovski
40 прегледи Димитар Николовски/Фото: Евротинк.мк

САД привремено ги стопираше иселеничките визи за 75 земји од светот, меѓу кои и Македонија. За Миниестерството за надворешни работи, тие не се приоритет оти се работи за мал број повозрасни македонски државјани, а нема застој за издавање визи за патување во САД за туризам, бизнис, наука, студии. Се работи на решение со стратешкиот партнер САД, којшто од 33 проценти данок лани го намаливме на 15 посто. Во наредните 6 месеци, македонската јавност пријатно ќе се изненади од решението за визите, вели шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски.

Техничка пауза или не нѐ „фермаат“?

Иако Владата уверува дека станува збор за техничка пауза и дека одлуката не треба да предизвикува загриженост, дел од јавноста оценува дека сигналите од Вашингтон треба да се сфатат сериозно. Според политикологот и член на организацијата Евротинк, Димитар Николовски, практично ваквата одлука значи дека сме „невидливи“ за американската администрација.

-Оваа одлука е доказ дека САД не нѐ гледаат како сериозен стратешки партнер. Нема специјални односи, нема периметар. Ова е доказ дека сме дел од група на нации на кои се гледа како несериозни, чии граѓани се товар на социјалниот систем во САД. Едноставно, за администрацијата на Трамп ние сме неважни, истакнува Николовски за „Локално“.

Ставањето на Македонија како стратешките партнер на САД во ист кош со Сомалија и Сирија покажува дека САД го сметаат регионот на Западен Балкан како зона со економски ризик чии државјани би станале јавен товар во САД. И стратешкото партнерство и членство во НАТО не е доволна гаранција за изземање од новите имиграциски филтри.

Од МНР не откриваат за какво решение ќе се бара со Вашингтон за иселеничките визи и дали ќе се бара да се намали бројот на илегалците од Македонија во САД.

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека наредните денови за македонските граѓани ќе има добри вести од нашиот стратешки партнер Соединетите Американски Држави. Тој ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање.

„МНР веќе даде свој коментар за ова, станува збор за имигрантските визи, не за визите за студирање или туристички посети. Но, јас мислам во деновите кои што следат ќе има добри, пријатни вести за македонските граѓани кога станува збор за ваков тип на односи со нашиот стратешки партнер. Јас би бил внимателен и трпелив и очекувам многу добри вести за Македонија во наредниот период“, рече Мицкоски по посетата на реконструираната спортска сала во Кратово.

Според опозициската СДСМ, со мерката Вашингтон испрати јасна порака дека постои недоверба во институциите на државава и очекуваните реформи не се спроведуваат.

„Мицкоски го надмина Груевски и за жал ја стави целата држава на црната листа на САД“, рече членот на ИО на СДСМ, Андреј Жерновски.

Тој повлече дека „Македонија ја плаќа цената на погрешните политики на Мицкоски кои водат кон затворање, кон изолација на земјата“. Жерновски нагласи дека „тоа ја зголемува недовербата на граѓаните во институциите“ и дека „недостигот од економска перспектива за луѓето ги тера младите да заминуваат, да се иселуваат затоа што не гледаат иднина дома“. Предупреди дека „овие денови гласни се дипломати од времето на ВМРО-ДПМНЕ, таканаречени експерти и помали сателит-партии кои ги напаѓаат Соединетите Американски Држави и дури тврдат дека немаме стратешко партнерство“.

Од европските земји, покрај Македонија, на листата се наоѓаат и Албанија, Ерменија, Белорусија, БиХ, Грузија, Косово, Молдавија, Црна Гора и Русија, како и Бразил, Иран, Кувајт, Нигерија, Пакистан, Тајланд, Тунис, Уругвај и други.

„Обработката на имигрантските визи од овие 75 земји ќе биде паузирана додека Стејт департментот ги преиспитува процедурите за обработка на имиграцијата за да се спречи влезот на странски државјани кои би користеле социјална помош и јавни бенефиции“, рекоа од Стејт Департментот.

Пред десетина дена, претседателот на САД објави листа на социјалната мрежа „Truth Social“, која покажува дека 33% од македонските семејства што живеат во САД примаат социјална помош. На оваа листа, Трамп сподели и податоци за користењето на социјална помош од страна на имигрантските семејства од други земји во САД. Според овие податоци, од соседството, 41,3% од имигрантските семејства од Албанија во САД примаат социјална помош од американската држава. На оваа листа е вклучено и Косово со 46% од семејствата што примаат социјална помош.

Запирањето на обработката на визите е дел од строгата имиграциска политика што Трамп ја спроведува откако ја презеде функцијата во јануари минатата година. Во ноември минатата година, првиот човек на САД рече дека трајно ќе ја запре миграцијата од, како што рече, земјите од третиот свет. Тоа следуваше откако беше застрелан припадник на Националната гарда во близина на Белата куќа.

Н.П.