Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски на денешниот брифинг со новинарите изјави дека неговата партија е во водство пред ВМРО-ДПМНЕ со 21,7 проценти во споредба со 19 проценти за опозициската партија, според анкетата на јавното мислење изработена за потребите на социјалдемократите.
Според него, за градоначалник на Град Скопје договорено е СДСМ да ја добие поддршката од ДУИ и ДПА уште во првиот круг, а тука е и Беса како коалициски партнер.
„Како резултат на тоа, СДСМ за некои општини, од типот на Тетово, Гостивар, Струга и други општини со мешан етнички состав, својата евентуална поддршка на кандидатите од овие партии на Албанците ќе ја даде во вториот круг“, информира Николовски, додавајќи дека можно е СДСМ во Гостивар и во уште некоја општина да настапи и со кандидат за градоначалник Албанец.
Исто така на денешната средба со новинарите беше обелоденето дека организациониот секретар на СДСМ, Мартин Попов, ќе биде заменик шеф на Централниот изборен штаб на СДСМ за локалните избори.