Нилските коњи на Ескобар мора да бидат преместени од Колумбија

од Stefanija Kuzmanovska

Колумбија ќе премести 70 нилски коњи, кои потекнуваат од приватната зоолошка градина на наркобосот Пабло Ескобар, во нови домови во Индија и Мексико за да го контролира нивното размножување.

Според колумбиската влада, таму сега има меѓу 130 и 160 нилски коњи, а тие се населиле многу подалеку од поранешниот ранч на Ескобар, каде што првично имало само еден мажјак и три женки.

Нилските коњи биле дел од збирката егзотични животни кои Ескобар ги собирал во текот на 1980-тите на својот ранч, кој се наоѓа на околу 250 километри од Меделин. По смртта на Ескобар во 1993 година, властите ги преместија повеќето други животни, но не и нилските коњи бидејќи беа премногу тешки за транспорт.

Оттогаш, овие големи животни почнаа брзо да се размножуваат, ширејќи се по сливот на реката Магдалена и сега се вистински еколошки предизвик, што ги загрижува локалните жители.

Студијата објавена во списанието „Nature“ предупреди дека бројот на нилски коњи може да се зголеми на 1.500 во рок од две децении.

Властите претходно се обидоа да ја контролираат популацијата на нилските коњи со употреба на кастрации и пукање контрацептивни стрели, но тие акции имаа ограничен успех, и како резултат на тоа постои план да се префрлат 70 нилски коњи во нивните природни живеалишта во Индија и Мексико, напиша гувернерот на Антиокија на Твитер.

Не е дозволено испраќање нилски коњи назад во нивната родна Африка, а 60 нилски коњи ќе бидат преместени во Индија и 10 во Мексико.

Слични содржини