Ништо од кворумот: Тројца пратеници се заразени со Ковид-19

од Nikola Popovski

Поради отсуството на еден пратеник од СДСМ и уште двајца од пратеничката група на оваа партија, во парламентот повторно немаше кворум за одлучување. Ова го соопшти собранискиот спикер Талат Џафери, по што продолжува само расправата за предвидените точки од закажаните седум седници за денеска.

Една пратеничка и уште еден пратеник од ПГ на коалицијата „Можеме“ се позитивни на ковид-19, додека третиот пратеник, кој е од редовите на СДСМ, имал висока температура и се тестирал на коронавирус, ама резултатите што ги добил во текот на денот, според информациите, се негативни.

Истовремено албанската опозиција со амандмани најави блокада на низа предлог закони, во знак на незадоволство од илјадниците амандмани од ВМРО ДПМНЕ и Левица за Законот за државјанство.

Според СДСМ, за излез од оваа ситуација треба пратеничките групи да најдат заедничко решение и Собранието да профункционира.

„Опозицијата не влегува во салата ако мнозинството нема 61 пратеник, а паралелно ги блокира измените на Деловникот за да се воведе можност за онлајн одлучување. Тоа е исклучиво во функција на кочење на работата на Собранието. Што се однесува до албанската опозиција, имаме контрадикторна ситуација што мислам дека не е видена досега во парламентот, така што опозицијата предлага закон за државјанство, а ‘другата’ опозиција го блокира со амандмани. Значи, тие што се претставуваат како коалиција и што најавуваа ново мнозинство се блокираат меѓусебно, а на крај е блокирано Собранието. На крај ќе мораме да разговараме со претседателот на парламентот, дали на вонредни или на редовни координации, затоа што ова вака веќе не може да оди“, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски.

 

Слични содржини