Ви пренесуваме дел од колумната на Горан Михајловски за СДК:

Резултатите по првиот круг претседателски избори прво покажаа дека не се баш милион и двеста илјади луѓе тие што се против промена на името како услов за да се влезе во ЕУ и НАТО. И тука да завршиме со таа будалаштина на која уште се влече Христијан Мицкоски.
Второ, резултатите покажаа и дека луѓето не сакаат да гласаат за бандитите на Никола Груевски, иако и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и кандидатката за претседателка на државата Гордана Силјановска-Давкова упорно нѐ убедуваат да ги заборавиме злосторствата на нивната партија додека беше на власт и бараат правда за злосторниците.
И трето, резултатите покажаа дека луѓето не гласаа и за избраниците на Зоран Заев за кои се уплашија дека ќе станат бандити, оти многу брзо почнаа да покажуваат бандитски навики. И како што за јунаците од бомбите чувме дека биле ем зулумџии ем крадци, оти дури и изборите ги крадеа, така и за јунаците на „Дојде живот“ се создаде перцепција дека се неспособни и корумпирани. При што, можеби неспособноста луѓето би ја простиле. Ама корупцијата не ја простуваат.
И пораката е јасна, појасна – здравје: Еве, ќе влеземе во НАТО, ама нема да ви дозволиме да крадете како претходните. И нема да ви дозволиме да си ја полните администрацијата што ја храниме со партиски другарчиња, баби, тетки, дечковци, девојки, золви и јатрви…
Болката за името веќе успешно се лекува уште овој Велигден споен со Први Мај, на терапија на плажите на Халкидики и на софрите со узо. Ама, што правиме со семејните вработувања во джавна служба на генералниот секретар на партијата Кирацовски, со алчноста на Мира Дизел? И со уште многу други кои допрва ќе ги дознаваме? Што правиме со башибозукот на ДУИ од Матка па сѐ до Струга, со пајакот што удира полицајки во Чаир, со вицепремиерот Хазби Лика што не оди на работа? Што правиме со амнестираните, што правиме со помирените? Што правиме со зголемениот данок за трудољубивите и учените и со тендерите за криминалците?
Дури и да не се решеше спорот со името ние ќе баравме ѓубрето да ни биде исчистено. И тротоарите да ни бидат слободни. Ама и криминалците да бидат казнети. И функционерите од ДУИ да не бидат над законот. Па ете, дури и бројчаникот над Триумфалната капија што со свои лични пари го закачи баш Заев да почне еднаш да врти.
Тоа не зависи од Грција. Ни од НАТО. Ни од ЕУ. И фер е тоа да се признае.
Целата колумна на СДК на следниот линк.