„Ноќен цар“ ќе биде задолжен за Вашингтон во вечерните часови

од desk2
122 прегледи

Администрацијата на Вашингтон наскоро ќе вработи заменик на градоначалникот задолжен за ноќниот живот на американската престолнина, објави весникот „Вашингтон пост“. 

Како што е наведено во конкурсот за вработување, канцеларијата на заменикот-градоначалник за ноќен живот ќе биде одговорна за случувањата во градот во вечерните и ноќните часови. А тоа се постојаните поплаки за бучава, криминал, чистење на улици, сообраќаен метеж, пријави за појава на стаорци, надгледување на работата на илјадниците барови и ресторани и други активности.

Град како Вашингтон живее активно и во ноќните часови. Ноќниот живот на градот, посебно угостителството, е еден од поважните сегменти на економијата на градот, јави дописникот на МИА од Вашингтон. Угостителскиот сервис во Вашингтон во 2017 генерерирал 3,8 милијарди долари приходи и вработува околу девет отсто од вработените во градот.

Според Националната асоцијација на ресторани, во следните десет години се очекува тој број да се зголеми за шест отсто.

Линдзи Паркер, заменик на раководителот на администрацијата на Вашингтон, изјави за весникот дека во 2006 година во градот имало 1.729 ресторани и барови, додека во 2016 тој број достигнал до 2.300. 

Според неа, бројот на местата каде во градот се точи алкохол во последните десет години се зголемил за 50 отсто. На некои улици во Вашингтон понекогаш се случува блокирање на сообраќајот во доцните ноќни часови поради повик на таксисти од страна на алкохолизирани посетители на баровите и овој проблем ќе биде надгледуван од заменик градоначалникот за ноќен живот.

Официјалниот назив на функцијата која ќе се занимава со управување на градот во вечерните и ноќни часови се нарекува раководител за ноќен живот и култура.

Ваква функција веќе имаат воведено неколку мегаполиси како Њујорк, Лондон или Орландо, но и помали градови како Ајова сити. Назначените на оваа функција печатот обично ги нарекува „ноќен градоначалник“, „ноќен цар“ или „ноќен менаџер“.