Нов доказ дека коронавирусот се задржува во воздухот: Смртоносната зараза пронајдена на едно необично место

од Aleksandar Petrovski
273 прегледи

Новиот коронавирус САРС-КОВ-2, кој се шири низ целиот свет и зарази повеќе од три милиони луѓе, може да се задржи во воздухот на мали простории, како и оние низ кои минуваат многу луѓе, откриле научниците.

Новата студија објавена во научното списание „Nature“ открила дека делови од генетскиот материјал на вирусот се пронајдени како лебдат во болнички тоалети, во затворен простор од голем број на луѓе, и во простории каде медицинскиот персонал ја отстранил заштитната опрема.

Истражувачите, кои анализирале две болници во епицентарот на пандемијата во Вухан, Кина, не се обиделе да утврдат дали овие честички од воздухот можат да предизвикаат инфекции.

Научниците сè уште учат за новиот вирус корона, па прашање е дали може да се шири преку респираторни честички од воздухот.

Светската здравствена организација советува дека пренесувањето на честички во воздухот најверојатно ќе биде ограничено на специфични околности, како на пример во медицински услови каде што пациентите со „Ковид-19“ се интубираат или кога се вршат други инвазивни процедури.

Научниците од журналот Nature, предводени од истражувачот Ки Лан од универзитетот Вухан, ја следеле концентрацијата на коронавирусот во аеросоли околу две болници во Вухан.

Иако откриле мало присуство на аеросоли во одделенијата каде лежеле пациенти со „Ковид-19“, супермаркетите и станбените згради, генетскиот материјал на вирусот корона бил пронајден во тоалетите и на места низ кои минувале многу луѓе.

Повисоки концентрации се пронајдени во просториите каде медицинскиот персонал отстранил заштитна опрема, што може да значи дека честичките од вирусот што ја контаминираат опремата може да останат во воздухот кога ќе се отстранат маските, ракавиците и оделата.

– Нашите резултати покажуваат дека проветрувањето на просторијата, отворен простор, дезинфекција на заштитна облека и правилна употреба и дезинфекција на тоалетите можат ефикасно да ја ограничат концентрацијата на САРС-КоВ-2 во аеросоли – напишаа истражувачите во резимето на студијата.

„Идната работа би требало да ја испита инфективноста на вирусот во аеросоли“, додаваат научниците.