Новоизбраниот поглавар на Римокатоличката црква, папата Лав XIV, стапува на функцијата во еден од најсложените моменти за Црквата и светот. Во услови на длабоки внатрешни поделби, глобални конфликти и климатска криза, се очекува новиот папа уште во првите денови да го покаже правецот на својот понтификат преку јасна визија, дипломатски ангажман и најави за реформи.
Враќање на единството во Црквата
Една од најгорливите задачи ќе биде надминување на поларизацијата меѓу традиционалистите и прогресивците во рамките на самата Црква. По контрастниот понтификат на Бенедикт XVI, кој важеше за традиционалист, и папата Франциск, кој се залагаше за попрогресивни вредности, опасноста од раскол станува сè поактуелна. Иако новиот папа важи за умерен глас, останува нејасно дали ќе успее да ги обедини различните струи или ќе се приклони кон една од нив, со што би ризикувал дополнителна поделеност, пишува The Guardian.
Чувствителни прашања во САД
Проблемот со единството е особено изразен во САД, каде што понтификатот на Франциск предизвика остри реакции – од поддршка од либерални кругови до отворени критики од конзервативни бискупи, некои блиски до Доналд Трамп. Посетата на САД се очекува да биде еден од првите дипломатски потези на Лав XIV.
Глобална улога и дипломатски предизвици
Меѓународната улога на Светиот Отец останува од суштинско значење, особено во свет раздиран од конфликти – од Украина и Блискиот Исток до Судан. Покрај тоа, прашањата за миграцијата, климатската криза, верските слободи и човековите права се дел од агендата што бара глобално водство.
„Папата е еден од ретките светски лидери што може да ги надмине политичките поделби и да го искористи својот морален авторитет за обединување“, истакна Кристин Ален, директорка на британската хуманитарна организација CAFOD.
Сексуалната злоупотреба и довербата во Црквата
Кризата со сексуалната злоупотреба продолжува да ја тресе Црквата. Иако папата Франциск воведе одредени мерки, реакциите беа оценети како бавни. Новиот папа ќе биде под зголемен надзор на јавноста кога станува збор за заштита на децата и ранливите, особено во земји каде што институционалната заштита е слаба.
Улогата на жените и лаиците
Прашањето за жените во Црквата останува отворено. Папата Франциск направи чекори напред со именување жени на високи позиции, но многумина бараат повеќе. Сестра Натали Бекар, поранешна заменик-секретарка на Синодот на епископи, изјави за Би-Би-Си дека „повраток нема“ и дека следниот чекор е целосно вклучување на жените во црковната хиерархија.
Финансиски предизвици
Ватикан продолжува да се соочува со финансиски тешкотии и недостаток на транспарентност. Дефицитот во буџетот за 2022 година изнесувал 94 милиони долари, а пензискиот фонд бележи минус од над 700 милиони. Папата Лав XIV наследува и низа финансиски скандали, како оној со кардиналот Бечиу, кој беше исклучен од Конклавата поради обвиненија за малверзации.
Поглед кон иднината: сексуалноста и целибатот
Ставовите на Црквата за сексуалноста и прифаќањето на ЛГБТК+ заедницата остануваат предизвик. Папата Франциск ги отвори вратите за поголема вклученост, но без формално менување на доктрината. Лав XIV ќе мора да одлучи дали ќе продолжи во истиот правец. Исто така, прашањето за целибатот и недостигот на свештеници, особено во оддалечени региони, може да го принуди Ватикан на нови одлуки, вклучително и можноста за ракополагање на оженети мажи.