Нов скандал: Иванов си додели царски овласувања!

од Vladimir Zorba
128 прегледи

Претседателот практикува своеволие како да има царски овластувања, бидејќи од никаде не произлегува дека има право да поставува услови за формирање Влада, реагираат аналитичари. Се множат повици за импичмент, пишува DW

Mazedonien Präsident Ivanov (picture-alliance/AA/M. Sulooca)

Иванов ги пречекори овластувањата, врши дискриминација врз основа на политичка припадност и треба да добие импичмент поради грубо кршење на Уставот. Ова се главните реакции во јавноста, откако по вчерашните консултации со раководствата на парламентарните партии претседателот на државата се обрати пред јавноста со следниот став: „Мандат за состав на новата Влада ќе добие партијата или коалицијата која ќе ме извести и докаже дека обезбедиламнозинство во Собранието“.

„Со други зборови – прво потврда и доказ за мнозинство, па потоа мандат за составување Влада. Oд оние што ќе ја составуваат новата Влада, барам во својата програма да имаат два клучни приоритета: Прво, заштита на државните интереси на Република Македонија, што подразбира зачувување и зацврстување на унитарниот карактер на државата. Второ, системска реформа по кризата во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност на Република Македонија“, рече Ѓорге Иванов.
„Скандал!“ Ова е главната оценка во однос на споменатите „два клучни приоритета“ во партиските програми, како барање кое е надвор од овластувањата на претседателот. Поранешниот министер и амбасадор, Денко Малески, одлуката на претседателот да ја прекине процедурата според која е почната играта и да ја префрли во Собранието, ја оцени како „рамна на политички скандал кој државата наглавечки ја фрли во длабочините на кризата.“

По ваквата одлука на Иванов, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, најави дека партијата ќе донесе одлука за натамошните постапки.

„Ни беше укажано дека како второпласирана партија со број на мандати, не можеме да добиеме мандат за формирање на Влада. Дека треба да докажеме оти имаме мнозинство од 61 пратеник најмалку, и тоа како доказ со потписи да биде доставено до кабинетот на Иванов, по што дури тогаш ќе добиеме мандат. Согласно со тие детали, ние ќе ги донесеме нашите одлуки и ќе ја информираме јавноста како ќе постапиме понатаму“, најави Заев.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste Zoran Zaev Oppositionsführer Statement (Getty Images/AFP/R. Atanasovski)Зоран Заев: СДСМ ќе донесе одлука за натамошните постапки

Нема право да утврдува докази!

„Се работи за крајно непринципиелно однесување“, вели професорот и поранешен министер, Ненад Новковски.

„Постапката е почната по едни правила, а сега се воведуваат други. Со тоа се потрошени 30 дена и состојбата се поставува на почеток, како ништо да не се случило. Во случајов Иванов експлицитно бара доказ, а тоа ја надминува секоја мерка. Мнозинството се докажува во Собранието кога се избира претседател на Собранието и Влада. Тој нема право ниту да бара доказ, ниту да утврдува каков вид на доказ ќе биде прифатен. Второ, се воведува нерамноправност – она што не било барано за едно лице, се бара за друго. Трето, тоа води до ризик да го загрози интегритетот на пратениците со тоа што треба да се покажат јавно многу пред гласањето, а во тој период може да им се врши притисок, посебно на оние што се подготвуваат да го напуштат изворниот камп“, потенцира Новковски. Според него, Иванов веќе има доказ дека првиот што го добил мандатот не може да состави мнозинство, што значи дека сега отфрла несоборлив емпириски доказ со кој располага, а бара докази за потенцијална состојба.

„Со тоа дополнително го нарушува основниот принцип содржан во уставната одредба, а тоа е со неговите постапки да не влијае врз формирањето на мнозинството. Уставот навистина му дал слобода на претседателот, ама за да ја извршува правдата, а не за да практикува своеволие, како да има царски овластувања. Најпосле, од никаде не произлегува дека тој има право да поставува услови за формирање на Влада. Може да се очекува дека бараните два приоритети ќе си ги толкува произволно, со што ќе се внесе многу поголема несигурност и несправедливост во постапката“, укажува Новковски.

целиот текст тука