Нов заем од 53.000.000 евра за враќање на стари долгови – следната недела и Граѓанска обврзница!

Во текот на декември според податоците од Министерството за финансии, по основ на доспеани долгови на домашниот пазар, државата треба да врати 53.000.000.евра. Минатата недела државата зема заем во висина од 30.000.000 евра од една приватна банка, а сумата ќе се користи за финансирање на буџетскиот дефицит.

од Vladimir Zorba
66 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин

Нови задолжувања и раздолжувања и во последниот месец од годинава. Во вторник, првиот работен ден по празниците, ќе се одржи аукција на државни записи без девизна клаузула со рок на доспевање од 12 месеци – државата ќе бара заем од скоро 49.000.000 евра. Истиот ден државата планира да обезбеди уште 1.630.000 евра од обврзници со рок на доспевање од 15 години. Според објавениот проспект на Министерството за финансии, каматата на обврзницата ќе изнесува 4,85 % а главницата ќе треба да се исплати во декември 2040 та година.

Три дена подоцна, или на 12 декември, петок, следува нов заем во вредност од 1.630.000 евра. Тогаш ќе биде издадена нова Граѓанска обврзница со рок на доспевање од 2 години и каматна стапка 4,50%. Поединечниот износ на една обврзница изнесува 10 000 денари. Овој нов инструмент беше воведен пред две години со цел да се раздвижи финансискиот пазар. Министерството за финансии во текот на ноември ги исплати парите од претходната граѓанска обврзница во износ од 17,6 милиони евра и камата од 880.000 евра.

Втората граѓанска обврзница Министерството за финансии ја издаде на 7 ноември 2023 година, со рок на достасување од две години и годишна камата од 5 отсто. Иако првично министерството најавуваше дека ќе се анализира дали воопшто ќе се применува овој инструмент, сепак продолжи со издавање на овој вид на државни записи. Досега се издадени две граѓански обврзници во вкупен износ од над 41 милион евра. Следната недела државата на домашниот пазар ќе се задолжи со скоро 53 милиони евра, речиси идентична сума која доспева за враќање, што значи дека со нови ќе се враќаат доспеани заеми.

Државата се задолжува во согласност со планот, изјави деновиве министерката за финансии.

„Се задолжуваме во рамки на планираното за тековната година. Не станува збор дека правиме задолжувања надвор од она што било планирано. Кога го зборувавме Буџетот за 2025 година, на крајот од 2024-та и кога го усвојувавме, што беше предвидено дека ќе биде како задолжување, тоа во суштина го реализираме до крајот на годината“ – изјави министерката Гордана Димитриеска Кочоска.

Во текот на декември според податоците од Министерството за финансии, по основ на доспеани долгови на домашниот пазар, државата треба да врати 53.000.000.евра. Минатата недела државата зема заем во висина од 30.000.000 евра од една приватна банка, а сумата ќе се користи за финансирање на буџетскиот дефицит.

Следната година по основ на доспеани обврски кон домашни и кон странски кредитори државата треба да врати повеќе од 2 милијарди евра. На почетокот од 2026 та за исплата доспева Еврообврзницата во износ 700 милиони евра поради што веќе е во најава и нова Еврообврзница чиј износ според првичните најави нема да биде помал од 900 милиони евра.

Според новите податоци од Министерството за финансии, заклучно со третиот квартал Јавниот долг достигна 9,73 милијарди евра или 57,6% од БДП и во однос на вториот квартал е зголемен за 0,1 процентен поен.

Д.А.