Потпретседателката на Собранието Фросина Ременски е осомничена во „Рекет“ дознава и пренесува Нова ТВ повикувајќи се на извори во истрагата. Таа е опфатена со проширената истрага против нови четири лица осомничени за перење пари, измама и помагање во измама, во делот на исплатата на средства за наводната изградба на старечки домови на сметката на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски.
Ременски беше почесен претседател на Меѓународниот сојуз на чија сметка легнале парите. Покрај Ременски, со оваа истрага е опфатена и Јасна Мандиќ заменик претседател на Меѓународниот сојуз, пренесува порталот.
-Врз основа на предистражната постапка обвинителот што раководи со постапката, дојде до сознанија што укажуваат дека во периодот од јули 2017 година до април 2018 година, првоосомничениот како претседател на осомниченото правно лице, искористувајќи документи од правното лице, довел и одржувал во заблуда двајца управители на две друштва за градежништво. Тој, лажно прикажувајќи дека ќе обезбеди државно неизградено земјиште за изградба на центар за возрасни лица и мобилен сервис, а потоа и субвенционирање од страна на државата, од оштетените преку авторска агенција успеал да добие парични средства од 719.905 евра од едното правно лице и 233.821 евра од другото. Останатите осомничени лица со умисла му помагале на првоосомничениот во извршувањето на кривичните дела изготвувајќи договори, подигнувајќи ги уплатените средства и уплаќајќи средства на други правни лица по основ на позајмица или донација. Воедно, едно од осомничените лица како функционер, заедно со првоосомничениот присуствувало на средбите организирани од првоосомничениот, при што го искористило својот углед и авторитет и оштетените стекнале впечаток дека зад понудените проекти стои извршната власт, соопшти обвинителството.