Новата британска мутација пристигна во Макеоднија

од Берта Китинска

Од министерството за здравство информираа дека британскиот сој на коронавирусот пред скоро еден месец бил присутен во Македонија.

Британскиот сој на коронавирусот бил детектиран во приватната лабораторија на клиниката Жан Митрев во Скопје кај 46-годишен маж, кој е веќе оздравен, информира министерот за здравство Венко Филипче. Вирусот бил детектиран во болницата при анализа на примероци од јануари.

Во епидемиолошката анкета пациентот не пријавил контакти, ниту пак навел дека патувал во странство.

-Според информациите од Институтот за јавно здравје, пациентот првпат на 29 декември 2020 година, поради покачена температура и отежнато дишење, направил брз тест. Тестот бил со позитивен резултат. По неколку дена, односно на 4 јануари 2021 година се јавува на преглед во приватната болница Жан Митрев каде му е направен ПЦР тест кој е позитивен, а пациентот е веднаш хоспитализиран во приватната болница. На 15 јануари во болницата му е направен уште еден тест кој повторно е позитивен.

Во базата на податоци на Институтот за јавно здравје пациентот од 22 јануари 2021 се води како оздравен.

Лабораторијата во Жан Митрев утврдила дека пациентот е суспектен на некоја мутација на вирусот, а потоа е направено секвенционирање на изолатот. Според информацијата која ја проследија до Министерството за здравство, сите мутации кои го дефинираат британскиот сој се утврдени кај изолатот од овој пациент. Кај останатите примероци кои се анализирани во приватната лабараторија не е детектиран британскиот сој на СарсКов2, информира Филипче на Фејсбук.

Микробиологот, професор д-р. Никола Пановски во интервјуто за „Локално“ вели дека мутираниот британски вирус ни тропа на врата, па затоа на сила треба да останат рестриктивните мерки.

–Земјата која побргу ќе почне со вакцинација ќе биде поподготвена од оние кои подоцна ќе почнат. Мутираниот британски вирус тропа на врата.  Затоа, кај нас треба да останат рестриктивните мерки на сила, бидејќи факт е дека поголеми рестрикции економијата не може да издржи, вели Пановски.

 

Слични содржини