Нови 64 пожари избувнаа во Грција: Евакуација на Евија

од Stefanija Kuzmanovska
226 прегледи

Грчката противпожарна служба денеска соопшти дека избувнале 64 нови шумски пожари, а припадниците на противпожарните единици гаснат вкупно 82 пожари.

Грчки пожарникари синоќа се бореа и со пожарот во Агиос, Крф, Каристос, Родос и Иликис, а на граѓаните во Евија им беше наредено да се евакуираат од куќите лоцирани во загрозените подрачја, пренесува „Катимерини“.

Грчкото министерство за климатски промени и цивилна заштита ја објави „најголемата досега евакуација поради шумски пожари во Грција“, а Констансија Димоглиду, портпаролка на грчката полиција, потврди дека досега се евакуирани повеќе од 30.000 луѓе низ целата земја.

Портпаролот на противпожарната служба на Родос, Јанис Артофиос, потврди дека огнениот фронт се движи кон исток, кон Малоун и Масари, но нагласи дека во моментов не им се заканува на населените области.

Според него, стотици пожарникари и доброволци се бореле со пожарот во текот на ноќта. Во општинската единица Јужен Родос со одлука на генералниот секретар за цивилна заштита е прогласена вонредна состојба.

На Крф, припадниците на противпожарната служба се обидуваа да го спречат ширењето на фронтот на пожарот кој избувна вчера попладне во областа Перитија, на северот на Крф и се движи во југоисточен правец. Досега се евакуирани населбите Санта, Мегула, Порта, Палаја Перитија, Синиа, Виглатури, Нисаки, Ру, Катаболо, Кентрома, Трици, Кококилас, Саракинијатика, Плагија, Калами, Влахатика и Кавалераина.

Како што соопшти грчката крајбрежна стража, била спроведена операција за спасување на луѓе од плажата Нисаки на Крф, во која учествувале шест бродови на крајбрежната стража, седум приватни пловни објекти со мал капацитет, два приватни брода со голем капацитет и еден шлепер.

Слични содржини