Израелски, како и северноирски официјални лица соопштија дека кај нив биле откриени четири случаи на инфекција со новиот вид на вирусот неодамна откриен во Велика Британија.
Израелското Министерство за здравство истакна дека од четири, тројца пациенти неодамна пристигнале од Велика Британија, а потеклото на четвртиот сè уште не е утврдено.
„Во последните два дена се обидувавме да провериме дали мутацијата од Велика Британија се инфилтрираше во Израел. До пред неколку минути бевме оптимисти, а сега тоа расположение опадна заради информациите што доаѓаат од нашата лабораторија“, изјавила министерката за здравство, Џули Еделштајн.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека откривањето нови случаи само ја потврдува одлуката на властите дека треба да се прекине воздушниот сообраќај од и кон Велика Британија.
„Јасно е дека ги презедовме вистинските чекори кога го затворивме небото и за Велика Британија и за другите земји и кога наметнавме карантин за Израелците кои се враќаат во нашата земја и ги испитуваат сите оние кои биле во Велика Британија и други земји“, рече тој.
Експертите ги повторија изјавите на колегите од други земји, велејќи дека вирусот, иако позаразен, не е поубиствен од оригиналната варијанта и дека нема причина да се верува дека постојните вакцини нема да бидат ефикасни против него, пишуваат локалните медиуми.
Северна Ирска исто така денес потврди дека се појавил позитивен тест за нова варијанта на коронавирусот, кој е регистриран во Велика Британија.
Министерството за здравство на Северна Ирска објави дека оваа варијанта на вирусот е во тој регион веќе некое време.
„Нема докази што сугерираат дека новата варијанта на вирусот предизвикува посериозно заболување или поголема стапка на смртност“, се вели во соопштението.
Новата варијанта на коронавирусот брзо се шири во Велика Британија и предизвикува голема загриженост во Европа, каде што неколку земји ги блокираа сообраќајните врски со оваа земја.
Во соопштението се додава дека мутацијата на вирусот не е невообичаена, но брзината со која се шири новата варијанта предизвикува сериозна загриженост.