Њујорк Тајмс: Порастот на новозаразени во Северна Македонија е приближно ист, значајно зголемување во Црна Гора и Хрватска

од Nikola Popovski
202 прегледи

Американскиот „Њујорк Тајмс“ на новата мапа на светот на која го следи ширењето на коронавирусот во светот, ја прикажа Северна Македонија во окер боја, што покажува дека зголемувањето на бројот на нови случаи во претходните две недели е приближно исто.

На мапата „Њујорк Тајмс“, државите се класифицираат според стапката на пораст на бројот на нови случаи во последните 14 дена, така што, иако некои имаат мал број заразени, се пресметува процентуалното зголемување на бројот на нови случаи во последните денови.

Хрватска и Црна Гора се единствените земји во Европа кои се обележани со црвена боја, што значи дека зголемувањето на бројот на нови случаи во овие земји е значајно.

Србија е насликана со светло-портокалова боја на мапата, а Босна и Херцеговина, Бугарија, Романија и Албанија се обележани со иста боја.

Мароко, Киргистан, Екваторска Гвинеја и Малави се обележани со црвена боја во светот.

„Њујорк Тајмс“ забележува дека епидемијата се смирува во некои земји кои биле сериозно погодени во рана фаза, но предупредува дека бројот на нови случаи ширум светот расте побрзо од кога било, со оглед дека дневно се пријавуваат над 100.000 нови инфекции.

Весникот наведува дека во последните две недели е забележано зголемување на бројот на нови случаи во скоро двојно повеќе земји отколку оние кои пријавиле пад, што е последица на жариштата во Латинска Америка, Африка, Азија и Блискиот исток.