Според податоците на министерството за здравство најмалку заболени од Ковид 19 има во Валандово и Крушево.
Во Валандово регистрирани се 7 додека пак во Крушево 16 случаи на Ковид 19. И во двата града нема регистрирано активни носители на вирусот. Во Ресен има 146 лица позитивни и само еден активни случај.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 13.914, бројката на оздравени пациенти е 10.507, на починати е 578, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2.829
Министерството за здравство вчера информираше дека во изминатите седум дена е намален бројот на новопотврдени и процентот на позитивни на Ковид-19.
Од 17 до 23 август се направени 11.129 тестирања на коронавирусот, а вкупно се регистрирани 839 нови позитивни случаи од 29 градови во државата, што е намалување од 7,0 отсто, во однос на минатата недела. Најголем дел, односно 33,5 отсто се од Скопје. Во овој период, бројот на новопотврдени случаи е под 20 лица, во 16 града во земјата.
– Процентот на позитивни од тестирани изнесува 7.5 отсто, што претставува намалување од 0,3 отсто во однос на претходната недела. Овој индикатор и натаму покажува тренд на намалување, во однос на претходните недели кога истиот се движи од 10 отсто, 9.4 отсто, 8.6 отсто и 7.8 отсто, соопшти вчера Министерствотот за здравство.
Според извештајот на ИЈЗ, пријавени се 19 смртни случаи од шест градови или два повеќе во однос на претходната недела и сите се на возраст над 60 години. Од нив, 16 биле хоспитализирани, а три лица починале во вонболнички услови. Коморбидитети се регистрирани кај 16 починати лица.